Инфлуенсерка од Германија потрошила 150.000 евра за операции за издолжување на нозете: „Бившиот ме натера, сега жалам“ (фото)
- Детали
- сабота, 02 септември 2023
Инфлуенсерката Тереса од Германија направила две операции за издолжување на нозете, поради што сега е 13-тина сантиметри повисока. Наводно, бившиот сопруг ја натерал да ги направи операциите, но откако се разделиле, почнала да жали за одлуката.
Тереса Фишер од Хамбург, Германија е Инстаграм инфлуенсерка со над 140.000 следбеници.
Она што привлекува најмногу внимание кај Тереса е тоа што потрошила над 150.000 евра за операции за издолжување на нозете.
Со овие операции, сега Тереса е за 13-тина сантиметри повисока.
Операциите за издолжување на екстремитетите може да се направат поради здравствени проблеми, но некои луѓе, како Тереса, ги прават од естетски причини.
Операцијата може да предизвика многу болки, бидејќи хирурзите буквално ги кршат коските на два дела, па додаваат специјални шипки за да ги издолжат.
По операцијата за издолжување нозе, пациентите не можат да одат неколку недели.
31-годишната Тереса пред операцијата била висока 167 сантиметри, а сега има околу 180 сантиметри.
Таа вели дека поранешниот сопруг ја натерал да ја направи операцијата.
„Ми рече ’Тереса, знаеш дека сакам големи девојки. Па, би сакал да ја направиш операцијата. Можеш да станеш повисока и за 14 сантиметри‘“.
Инфлуенсерката додава дека не ни знаела дека постојат вакви операции пред бившиот да ѝ ја предложи.
Тереса ја направила првата операција на 24-годишна возраст, а во март 2022-ра направила уште една. За двете операции платила над 150.000 евра.
Тереса и сопругот се запознале во 2015-та, а се разделени од неодамна, но не е познато зошто.
За германскиот медиум Bild, Тереса изјави дека сега жали за операцијата.
„Засрамена сум бидејќи се согласив на операција која не требаше да ја направам“.
Пред да се раздели од сопругот, пак, Тереса тврдеше дека е среќна за операцијата.
„Сексуалниот живот ми е многу подобар. Станав многу пофлексибилна. Сега сум среќна и задоволна со изгледот на моите нозе, но добивам многу злобни коментари на интернет. Ова ме повредува“.
Тогаш Тереса изјави дека во тинејџерските години била жртва на булинг поради изгледот, па операцијата ѝ ја вратила самодовербата.