Дали и нам ни треба ваков закон? Во Кина тинејџерите ќе смеат само 2 часа на ден да користат интернет
- Детали
- четврток, 03 август 2023
Дали ваков закон треба да се воведе и кај нас? Кинеските власти воведуваат нови правила кои треба да ја ограничат употребата на интернетот и мобилните телефони кај најмладите и на тој начин да спречат појава на зависност. Наводно, ќе бидат забранети и видео игрите.
Зависноста од мобилни телефони кај најмладите е проблем со кој се соочуваат голем број земји во светот, вклучително и Македонија, а кинеските власти одлучија да воведат нови закони со кои ќе се ограничи времето што младите го поминуваат на интернет и пред екран.
Како што пренесуваат светските новински агенции, кинеската администрација за сајберспејс предлага закон со кој на сите паметни телефони ќе има опција за воведување „режим на малолетници“, со што ќе се ограничи пристапот до интернет, ќе се регулира пристапот до одредени апликации, но и времето што тие го поминуваат пред екран.
На корисниците под 18 години ќе им се забрани пристап на интернет од 10 часот навечер до 6 часот наутро.
А новите правила предвидуваат, на корисниците на возраст од 16 до 18 години да им се дозволи пристап до интернет по 2 часа, додека корисниците под 16 години ќе добијат само еден час дневно.
Интересно е и тоа што на корисниците под 8 години ќе им се дозволи да користат интернет само по осум минути дневно.
Сепак, главниот збор на крајот ќе го имаат родителите кои ќе имаат можност да ги прифатат или да ги избегнат ограничувањата.
Додека одлуките се поздравени од голем број родители, интернет компаниите стравуваат дека овој закон ќе има страшни последици врз бизнисот.
Инаку, ова не е првпат Кина да користи ригорозни мерки со кои ги контролира младите како го поминуваат слободното време.
Во 2021-ва година донеле закон според кој на децата под 18 години им се ограничи времето што го поминуваат на видео игри. Па, така тие смеат да играат игри само во петок, сабота и недела и тоа во период од 8 до 9 часот навечер.
Б. С. Б. | Црнобело