„Не ставив крем со заштитен фактор бидејќи беше облачно - завршив со завој на грбот и зголемен ризик од рак на кожа“
- Детали
- петок, 14 јули 2023
Болното искуство на медицинска сестра од Шкотска, за време на одморот на Тенерифе, покажува зошто е важно да ставаме крем со заштитен фактор кога е облачно, но и зошто треба да го нанесуваме кремот неколкупати во текот на денот. Таа не ги следела овие препораки, па завршила со завој на грбот и терапија со антибиотици, но и зголемен ризик од рак на кожата.
Сигурно не треба да ви објаснуваме зошто е важно да ставате крем со заштитен фактор кога сте на плажа.
Но сепак, факт е дека многу луѓе го прескокнуваат кремот со СПФ заштита кога времето е облачно. Истовремено, многумина мислат дека се заштитени целиот ден ако стават крем само еднаш.
Болното искуство на медицинска сестра од Глазгов е одличен потсетник зошто мора да ставаме крем дури и кога има облаци.
Летово, Шарлот Оливер била на одмор на Тенерифе со сопругот и двете деца. На првиот ден, времето било облачно, па 32-годишната медицинска сестра не ни помислила дека ќе треба да стави крем.
„Секогаш користам крем со фактор, но во минатото ми се случувало да изгорам бидејќи сум ставила малку или факторот не бил доволно висок.
Годинава првпат си купив крем со фактор 50. Но, на првиот ден од одморот времето беше облачно, па заборавив да ставам крем“.
И покрај облаците, Шарлот изгорела на грбот и рамената и набрзо почнале да ѝ се прават пликови.
Сепак, изгорениците не ѝ изгледале многу сериозни и не им обрнувала многу внимание.
„Следните денови бев повнимателна и ставав крем со фактор пред да излезам надвор“.
Неколку дена подоцна, Шарлот почувствувала силна болка на грбот и градите.
„Сопругот ми го фотографираше грбот за да ми го покаже и останав без зборови – изгледаше како да ме извлекле од пожар. Мислев дека сум внимателна, дека сум заштитена поради високиот фактор, но не зедов предвид дека факторот не значи дека заштитата трае подолго.
Повеќе обрнував внимание на децата и не ставав доволно крем во текот на денот. Обрнував внимание на факторот на кремот, но не и на УВ зрачењето.
На моменти, УВ зрачењето во Тенерифе беше 11 – што е екстремно – а ова значи дека ми требала поголема заштита“.
Пропустот на Шарлот ја чинел посета во болница.
„Кожата ми беше болна, изгледаше како да имам отворени рани. Се чувствував ужасно, не можев да спијам и бев во агонија“.
Веднаш штом се вратиле дома, Шарлот отишла на лекар каде што ѝ ги преврзале изгорениците. Ѝ препишале силни лекови против болка, како и антибиотици поради голем ризик од инфекција.
„Лекарите ме предупредија дека можат да ми останат лузни и дека сега ми е зголемен ризикот од рак на кожата. Сега ми е страв да не изгорам пак.
Сфатив дека морам да бидам многу повнимателна. Не е доволно само да ставите крем, треба да го ставате неколкупати во текот на денот“.
На самите кремови со заштитен фактор е истакнато дека треба да се нанесуваат на секои два часа, како и веднаш по излегување од вода.
Препорачливо е и да користите што е можно повисок фактор, дури и ако сакате да се исончате.
Не заборавајте дека и со висок фактор ќе добиете убав тен, но ќе ја заштите кожата од изгореници, па дури и рак.
Спирова С. | Црнобело