Растурени кабли, смачкани делови, се верува дека има и човечки останки – Вознемирувачко видео од остатоците на „Титан“
- Детали
- четврток, 29 јуни 2023
Смачкани делови, растурени кабли прекриени со бели чаршафи – ова може да се забележи од видеото на кое се гледа како изгледало извлекувањето на распаднатите делови од подморницата „Титан“. Властите изјавија дека нашле и можни човечки останки.
Според последните информации на Крајбрежната стража на САД, во остатоците на малата подморница „Титан“ што вчера (28.06.) беа извлечени од дното на Северноатлантскиот Океан се најдени и можни човечки останки.
На видеото што е објавено во дел од светските медиуми може да се види како течело извлекувањето на остатоците од дното на океанот, кои беа најдени на околу 4.000 метри длабочина.
На видеото од Сент Јон, на Њуфаундленд во Канада се гледа како течело пренесувањето на остатоците на бродот „Хоризон Арктик“.
Смачканите делови од предниот дел на подморницата, растурените кабли и другите делови што беа извлекувани беа покриени со бел материјал, но сепак на видеото може да се види дека „Титан“ целосно се распаднала на дното на океанот.
Daily mail пишува дека експертите се изненадени од изгледот на остатоците на подморницата, затоа што сите веруваа дека „Титан“ имплодирал и дека е невозможно да се најдат човечки останки.
Претходно, судскиот вештак од округот Ричмонд, Надја Рутерфорд изјави дека е речиси невозможно да се најдат човечки останки.
„Кога имате каков било вид на експлозија или имплозија има остатоци или траги на остатоци. Сметам дека е неверојатно да се најдат човечки останки, особено во цели делови и ќе биде многу тешко да се идентификуваат, ако се земат предвид условите каде што се случила имплозијата“ – рече таа.
По извлекувањето на остатоците од подморницата, ќе се спроведе детална истрага за тоа што се случувало во подморницата и кои се можните причини за трагедијата.
„Овие докази ќе им дадат на истражителите важни податоци за тоа што би можело да ја предизвика трагедијата“ – рече Капетанот Џексон Нојбајер од поморскиот оддел на истрагата.
За потсетување, малата подморница „Титан“ исчезна во Северноатлантскиот Океан во неделата (18.06), по што неколку дена траеше потрагата по преживеани, а во четвртокот (22.06) беа пронајдени остатоците од подморницата.
Во подморницата во моментот на трагедијата имало вкупно пет лица: генералниот директор на компанијата OceanGate, Стоктон Раш, нуркачот Пол Анри Наржоле, британскиот милијардер Хамиш Хардинг и пакистанскиот милијардер Шахзада Давуд и неговиот 19-годишен син, Сулејман.
Б. С. Б. | Црнобело