Делови од уништената подморница „Титан“ се извадени на површината – телата на загинатите уште не се најдени
- Детали
- среда, 28 јуни 2023
Делови од уништената подморница „Титан“ беа извадени на површината на брегот на Канада. Операцијата за вадење на сите делови уште трае, а засега нема информации за телата на загинатите.
Точно десет дена од исчезнувањето на „Титан“ и патниците, делови од уништената подморница се извадени од Атлантскиот Океан.
Огромните парчиња метал беа пренесени со брод до брегот на Канада.
Според Daily Mail, ова се дел од првите остатоци кои беа пронајдени по трагичната несреќа во која загинаа петмина.
По обемната потрага, за која се веруваше дека е и спасувачка мисија, во четвртокот беа најдени остатоци од подморницата во близина на потонатиот Титаник.
Со ова, се потврди дека патниците загинале речиси веднаш откако подморницата изгубила контакт со површината.
Оттогаш, бројни експерти истапија со изјави дека подморницата не била воопшто безбедна и било прашање на време кога ќе се случи ваква несреќа.
Операцијата за вадење на деловите на подморницата од океанот уште е во тек и не е познато колку долго ќе трае.
Пред три дена беше споделено дека дотогаш не се најдени телата на петте загинати патници, а според Sky News, приоритет е да се истражи целата област околу несреќата и да се соберат сите делови од подморницата. Притоа, се трагало и по телата.
За потсетување, „Титан“ исчезна на 18-ти јуни годинава, откако пет лица се спуштија со подморницата во Атлантскиот Океан со цел да ги видат остатоците од потонатиот Титаник.
Помеѓу патниците беше 19-годишно момче, како и извршниот директор на компанијата што ги организира „екскурзиите“ до Титаник.
Спирова С. | Црнобело