Меланија чека пак да стане прва дама, Иванка „бега“ од Доналд Трамп и си минува мигови со сопругот и децата
- Детали
- среда, 14 јуни 2023
„Доналд Трамп или ќе стане претседател или затвореник, или пак ќе биде првиот затвореник што станал претседател“ – пишуваат странските медиуми. Што прават Меланија и Иванка додека светот го следи „циркусот на Трамп“?
Каде се Иванка и Меланија Трамп додека Доналд се соочува со 37 обвиненија за шпионажа, а за секое обвинение би можел да добие максимална казна до 10 години затвор?
Според британскиот весник, The Guardian, Меланија во моментов е како Худини, па се крие од очите на јавноста, додека Иванка Трамп целосно се повлече.
Доналд Трамп сака повторно да стане претседател на САД, а додека се подготвува повторно да се кандидира, ова е вторпат во два месеци тој да се соочи со федерално обвинение.
Трамп се појави пред суд и се изјасни дека е невин, а дел од американските медиуми шпекулираат дека тој би можел сам да се помилува себеси доколку успее да го освои мнозинството гласови во 2024-та година.
Од друга страна, многумина се прашуваат што се случува со двете најважни жени во неговиот живот: Меланија која беше прва дама на САД и неговата ќерка Иванка, која му беше десна рака во периодот додека тој беше претседател?
Според објавите во американските медиуми, Меланија се надева дека повторно ќе стане прва дама и чека во сенка да види како ќе се одвиваат работите.
„Тие се навикнати на вакви работи. Меланија знае што може да очекува. Во моментов е во исчекување, знае дека Доналд или ќе стане претседател или ќе оди во затвор, или ќе биде претседател во затвор“ – пишуваат дел од медиумите повикувајќи се на извори блиски до парот.
Додека беа поднесени обвиненијата против нејзиниот сопруг во текот на минатата недела, поранешната прва дама беше фотографирана како пристигнува во кулата Трамп во Њујорк, а лицето го скри под темни очила.
Според извори блиски до парот, иако Меланија не е физички блиску до својот сопруг, таа постојано разговара со него на телефон и го поддржува, a дел од американските медиуми пишуваат дека таа е свесна за неговите афери, но избира да молчи и да го задржи достонството додека чека повторно да стане прва дама.
Иванка Трамп, пак од друга страна, целосно се повлече од нејзиниот татко и во моментов живее мирен и повлечен живот заедно со нејзиниот сопруг Џеред Кушнер во Мајами.
Минатиот викенд, тие ја славеа првата „Бар Мицва“ на нивната ќерка Арабела, што всушност е еврејски ритуал за 12-иот роденден на девојчињата, а Иванка на Инстаграм Стори се обиде да ги скрие објавите од нејзиниот татко зад голем број други фотографии.
Иако Доналд и Меланија не присуствуваа на забавата во Мајами и не се појавија на ниту една од фотографиите, претходно на Инстаграм Иванка откри дека тие организирале приватна вечера за Арабела на нивниот имот во Ма-а-Лаго, но јасно е дека Иванка и Џеред сакаат да се оградат од фамилијарната драма што ги следи Доналд и Меланија додека да се одреди судбината на поранешниот претседател на САД.
Б. С. Б. | Црнобело