Сијамски близначки делат исто тело: „Можеме да возиме автомобил, едната од нас има дечко“
- Детали
- четврток, 27 април 2023
Сијамските близначки Кармен и Лупита се споени во пределот на стомакот, па практично имаат едно тело. Но, ова не ги спречува да го живат животот со полни гради – самостојни се, на пат се да станат ветеринари, а едната од нив има и дечко.
Кармен и Лупита Андраде се 22-годишни сијамски близначки. Тие се споени во областа на стомакот, имаат заеднички репродуктивен систем, а еден пар нозе.
Во интервју за Today, тие откриваат како се снаоѓаат со секојдневните обврски, како одат на романтични состаноци, но и дали некогаш им е „преку глава“ една од друга.
Кармен и Лупита се родени во Мексико, а денес живеат во САД.
Поради начинот на којшто се споени нивните тела, операцијата за одделување е премногу ризична.
„Ако направиме операција за одделување, или едната од нас ќе умре, или двете ќе умреме, или целиот живот ќе бидеме заглавени на интензивна нега“, вели Лупита.
Кога се родиле, лекарите немале добри прогнози за близначките – на родителите им рекле дека најверојатно нема да живеат подолго од неколку дена. Но, за среќа, нивната проценка била погрешна.
Кратко откако се родиле, девојките почнале со физикална терапија, а ги направиле првите чекори на 4-годишна возраст.
Денес тие се самостојни, а дури можат да возат и автомобил.
„Одиме на филмови и концерти (делиме исто седиште) и патуваме со авион. Минатата година бевме во Калифорнија, а имаме летано и до Тексас“, открива Кармен.
Но, како и секој човек, и Кармен и Лупита сакаат време за себе, па пробуваат да си го овозможат тоа најдобро што можат.
„Некогаш, на крајот од денот, едноставно сме преморени и не сакаме да разговараме. Во овие мигови секоја си го користи својот уред.
Јас имам лаптоп, а Лупита си става слушалки или е на телефонот. Целиот живот сме споени, па независноста не ни недостасува – овој начин на живот е сè што знаеме“, вели Кармен.
Иако Лупита и Кармен се среќни и задоволни од својот живот, истакнуваат дека како сијамски близначки, се соочуваат со многу предизвици.
На пример, навистина им е тешко да најдат соодветна облека. Но, за среќа, имале сосетка која сакала да им шие облека.
„Иако имаме ист стил, сакаме да изгледаме различно. На пример, косата скоро секогаш ни се со различна должина. Лупита има различни очила за гледање“, вели Кармен.
Друг проблем за девојките е љубовниот живот. Додека Лупита вели дека е асексуална, Кармен почнала да бара дечко пред неколку години.
Таа користела апликација за состанување, но истакнува дека добивала пораки од момчиња со чудни фетиши, штом ќе им кажела дека е сијамска близначка.
Во 2020-та, таа го запознала Даниел и набрзо се вљубиле.
„Веднаш знаев дека Даниел е поразличен бидејќи на почетокот не ме прашуваше за мојата состојба. Заедно сме две и пол години и сакаме да се венчаме, но прво сакаме да живееме заедно“, вели Кармен.
Бидејќи сестра ѝ Лупита е присилена да присуствува на секој нивен состанок, Кармен вели дека прават компромис - Лупита одбира каде ќе одат и што ќе прават, за да не ѝ биде здодевно.
Моментално близначките се фокусираат и на образованието – сакаат да станат ветеринари.
Кога станува збор за нивната психичка поврзаност, девојките велат дека често си ги чувствуваат емоциите.
„Еднаш бевме во продавница и почувствував нешто чудно во стомакот. Веднаш знаев дека тоа е емоција на Лупита. Маж се преправаше дека ја снима ќерка си, но всушност нè снимал нам. Јас не забележав, но Лупита го виде“.
„Јас можам да почувствувам кога Кармен е анксиозна или кога ѝ се плаче“, додава Лупита.
Кармен и Лупита сакаат да ја споделуваат нивната приказна со надеж дека ќе им помогнат на другите сијамски близнаци.
„Многу луѓе не се навикнати на лица со попреченост и немаат никакви граници. На пример, нас постојано нè прашуваат за сексуалниот живот, како одиме во тоалет и слично.
Но, сите мораат да запомнат – ние не сме само сијамски близначки, ние сме луѓе“, вели Кармен.
Близначките добивале и лоши коментари, но пробуваат да ги игнорираат и да се фокусираат на убавите нешта во животот.