Татко ослабел 36kg за една година за да донира бубрег за син му и да му го спаси животот
- Детали
- недела, 16 април 2023
Кога Даниел од Канада дознал дека не може да му донира бубрег на син му поради прекумерната тежина, целосно се посветил на вежбањето и здравата исхрана. Па, за една година ослабел дури 36 килограми и сега е пресреќен што ќе му го спаси животот.
Даниел Каблутсијак од Канада ослабел 36 килограми, само за да може да донира еден од своите бубрези за неговиот син.
16-годишниот син на Даниел, Хантер, во 2020-та добил дијагноза за сериозна болест на бубрезите. Оттогаш пие по 10 различни лекови секој ден за да преживее.
Но, лековите имале многу несакани ефекти, а и не биле долгорочно решение.
„Сега е добар, но сите овие лекови му ја трошат енергијата“, вели Даниел.
Браќата на Хантер биле погодни донори, но татко им не сакал да ризикуваат. Па, кога дознал дека и тој е погоден донор, без двоумење се согласил.
Но, Даниел имал прекумерна тежина поради што трансплантацијата не можела да биде изведена.
Сакајќи да го спаси својот син, во период од околу една година, Даниел ослабел 36 килограми.
„Веднаш почнав да слабеам. Бев посветен. Многу го сакам и слабеењето ми беше главниот фокус“, открива Даниел за CBS.
Даниел веднаш почнал да вежба и да држи диета. Престанал да консумира шеќер и секој ден пешачел по пет километри. По некое време, почнал и да оди во теретана.
Во март годинава, Даниел ја постигнал својата цел – лекарите му кажале дека сега е безбедно да се направи операцијата.
Трансплантацијата е закажана за овој јуни.
„Хантер е во многу подобро расположение. Сега блеска, како да се ослободил од голем товар“, вели татко му.
Мајката на Хантер, пак, вели дека ги чекаат уште многу предизвици, но таа се надева на најдоброто.
„Ништо не е официјално додека не се направи операцијата. Исплашена сум, но среќна бидејќи се движиме во вистинската насока“.
Даниел додава дека покрај тоа што ќе му го спаси животот на син му, слабеењето му помогнало да се ослободи и од неговите здравствени проблеми предизвикани со прекумерната тежина, како постојаната болка во колената.
Тој смета и дека неговата приказна е доказ дека сите можат да направат што и да посакаат, само ако се доволно посветени.
„Што и да сакате да направите, направете го. Ако можам јас, тогаш може и секој друг“.
Спирова С. | Црнобело