Најзгоден маж е оној што има најголем стомак – Африканското племе Боди има необичен избор за мис
- Детали
- понеделник, 17 април 2023
Цели шест месеци мажите не смеат да се движат, а главна цел им е да јадат и да се здебелат за да успеат да ја освојат титулата за најубав маж во племето кој се смета за херој. Припадниците на африканското племе Боди имаат необичен избор за Мис.
Додека голем број мажи низ светот поминуваат часови во теретана за да добијат извајани стомачни мускули, припадниците на африканското племе Боди напорно работат за тоа да добијат колку е можно поголем стомак, за да можат да победат на необичниот ритуал, кој наликува на избор за мис.
Племето Боди живее во изолираниот дел на долината Омо во Етиопија, а познато е по необичниот ритуал во кој младите мажи пијат мешавина од кравја крв и млеко за да се здебелат, а потоа и да ја добијат титулата „најдебел маж“ во племето.
Секое семејство во племето избира по еден неоженет маж кој треба да се натпреварува во изборот. Избраниот маж, потоа се повлекува во својата колиба и во период од 6 месеци не смее ниту да се движи, ниту да има секс.
Жените во селото редовно им сервираат оброци на мажите што се учесници во изборот, направени од мешавина од кравја крв и млеко, а дневно треба да испијат околу 2 литри од овој „оброк“.
Овој „режим на исхрана“ трае околу 6 месеци, а потоа тие излегуваат за да го покажат нивното тело и се надеваат дека ќе бидат прогласени за победници на натпреварот.
Победник е оној маж што има најголем стомак и тој ќе биде третиран како херој во селото до крајот на својот живот.
На денот на изборот, мажите го прекриваат телото со глина и пепел, а потоа се приклучуваат на церемонијата.
За време на церемонијата, мажите чекорат во круг околу светото дрво, додека не се избере победникот.
Неколку недели по завршувањето на натпреварот, мажите повторно се враќаат во форма, откако ќе почнат со нормална исхрана, но на нивно место ќе дојде нова група неоженети мажи, чијашто главна цел ќе биде да станат следниот „најдебел“ маж во племето.
Б. С. Б. | Црнобело