Златното момче на македонската репрезентација – Елиф Елмас (21), еден од осумте најголеми млади ѕвезди на ЕВРО 2020
- Детали
- недела, 06 јуни 2021
Името на Елиф Елмас се вброи во осумте најголеми млади европски ѕвезди, во изборот на реномираниот англиски магазин „4-4-2“.
Елмас е еден од најмладите играчи на кој треба да му се обрне внимание на претстојниот европски шампионат, а неговото име се истакна особено по триумфот над Германија, кога 21-годишниот Елмас постигна погодок за победа заокружувајќи го резултатот на 1-2.
https://www.instagram.com/p/CM7jL7gBIw9/
„4-4-2“ ги истакна и следните 7 млади и надежни фудбалски ѕвезди на ЕВРО 2020 покрај Елмас: Фил Фоден (Англија), Ансу Фати (Шпанија), Дејан Кулушевски (Шведска), Моис Кин (Италија), Сандро Тонали (Италија), Рајан Гравенберг (Холандија) и Доминик Слобослаи (Унгарија).
Но, кое е златното момче на македонската фудбалска репрезентација?
Елиф Елмас е роден на 27 септември 1999 година во Скопје. Во моментов тој го носи дресот со број 7, играч од средниот ред за италијанскиот тим Наполи и член на македонската репрезентација кој ќе настапи на претстојниот шампионат ЕВРО 2020.
Елмас израснал во скопската населба Бутел, а својата кариера ја започнал во фудбалската школа Форца од каде потоа се преселил во Работнички каде што станал професионален фудбалер.
Во јули 2017, селекторот на турската репрезентација Фатих Терим се обидел да го наговори Елмас да игра за Турција, но тој одлучил да ја претставува земјата во којашто е роден.
Дебитирал за првиот тим на Работнички на 30 септември 2015 на возраст од 16 години, а 28 јули 2017, Елмас потпишал петгодишен договор со турскиот гигант Фенербахче. На 24 јули 2019 година, Елмас се преселил во италијанскиот Наполи.
https://www.instagram.com/p/CNNfuN0hvTw/
Со нетрпение го очекуваме на теренот во боите на Македонија на ЕВРО 2020, нели?
(О)Милена | Црнобело