Муроја го маѓепса часовникот и стигна до победа на отворањето на сезоната!
- Детали
- понеделник, 11 февруари 2019
Предизвикувајќи вчудоневиденост кај педесет илјадната публика која ги следеше авионските трки во Абу Даби на отворањето на сезоната, светскиот првак од 2017 година, Јошихиде Муроја од Јапонија, успеа да оствари победа постигнувајќи резултат кој беше само три илјадити делови од секундата побрз од неговиот долгогодишен ривал, и воедно бранител на титулата за оваа година, Мартин Шонка од Чешката Република. Со овој резултат го трасираше темпото за сезоната во која се предвидени осум трки, при што уште еден од ланските кандидати за титулата се најде на пиедесталот. Имено, Американецот Мајкл Гулијан го освои третото место, но имајќи предвид дека во „мастер“ класата има уште 11 други сензационални пилоти, никој не може со сигурност да каже кој ќе се најде на врвот по финалето предвидено за ноември.
Иако временските услови во Абу Даби беа прекрасни, од аспект на пилотите имаше одредени нестабилности поради силните промени на правецот на ветерот, па тоа предизвика многубројни грешки за време на квалификациите. Во првата рунда каде што летаат сите 14 пилоти имаше седум директни елиминациски дуели, при што победниците ја сочинија листата на учесници во втората рунда, заедно со најбрзиот од поразените.
Фаворитите минаа лесно, Муроја и Шонка без проблеми се пласираа во вториот круг, но ланскиот вицешампион Мат Хол од Австралија имаше турбулентен настап во кој најпрво се соочи со проблеми поврзани со авионот, за потоа да заработи и казна во првиот лет против еден од најмладите пилоти, Бен Марфи. Сепак, иако изгледаше дека е на чекор од елиминација, Хол се пласираше во втората рунда благодарение на тоа што стјуардите му изрекоа казна од четири секунди на Марфи за прекршок во текот на летот. За Хол ова беше јубилеен педесетти пласман меѓу осумте најдобри, а таму се сретна со светскиот првак Шонка во последната елиминациска битка за пласман во финалната четворка.
Чекањето вредеше, бидејќи овој пат Хол имаше „чист“ лет и со конкурентен резултат од 54 секунди и 760 илјадитинки го предизвика Шонка, кој во првиот круг леташе речиси една секунда побрзо. Чешкиот пилот заработи казна од една секунда при полетувањето заради надминување на дозволениот лимит на гравитациски сили, па во такви услови мораше да биде многу внимателен бидејќи уште една казна ќе значеше катастрофа. Шонка форсираше колку што умееше и успеа да го остави Хал зад себе за 256 илјадити делови од секундата.
Покрај него во финалето се пласираа Муроја, Гулијан и Французинот Николас Иваноф. Сепак, кога дојде времето за полетување, следеше шок за Иваноф бидејќи беше откриен технички проблем поради кој не му беше дозволено да го стартува моторот, па тој автоматски остана на четвртото место, додека другите тројца меѓу себе ги распределија местата на подиумот.
Муроја постави време од 53,780, по што Гулијан со 54.009 се дистанцираше од борбата за победата. На овој начин се беше во рацете на Шонка, кој на првата контрола на времето беше водечки, но во вториот дел од летот го забави темпото и го загуби дуелот за три илјадити делови од секундата.
Како најбрз во квалификациите, Муроја заработи три поени, а за победата во трката уште 25, со што оствари максимум од новиот бодовен систем кој стартуваше во оваа сезона. Тој води на табелата со 28 поени, Шонка е втор со 22, а Гулијан трет со 21. Во досегашните 11 случаи, само три пати победникот од Абу Даби стигнал до светската титула, поради што шансите на сите пилоти се уште се високи.
ИЗЈАВИ ОД НАЈДОБРИТЕ
Јошихиде Муроја (Јапонија), победник
- Беше навистина изедначено, но пресуди нашата тимска работа. Ветерот го смени правецот за 180 степени, така што беше мошне тешко да се лета низ седмата порта. Мислам дека на сите пилоти таа им беше најголем проблем. Навистина е важно да се победува за да се освојат што е можно повеќе поени. Нашите летови беа мошне конзистентни, од првиот тренинг до финалето, така што навистина сум многу среќен за тоа.
Мартин Шонка (Чешка), второпласиран
- Имавме мошне слична и изедначена трка лани во Виенер Нојштад, иако не волку изедначена, но тогаш јас бев среќниот да бидам прв. Овој пат тоа беше Јоши. Ова беше прекрасна трка и со нетрпение очекувам да ја изгледам дома на телевизија.
Мајкл Гулијан (САД), третопласиран
- Презадоволен сум бидејќи се што можеш да направиш кога се бориш за победа е да леташ конзистентно, односно да бидеш постојано брз, а токму тоа е она што ние го направивме денес. Понекогаш победуваме, понекогаш не, затоа капата доле за Јоши и Мартин. Ова е вистински начин да се започне првенството, пренесувајќи го моментумот од минатата сезона, така што сметам дека оваа трка во Абу Даби беше прекрасен старт на годината.