Фидан Арсовски од Куманово го споделува неговото искуство од ултра-маратонот во чест на Тоше Проески
- Детали
- петок, 26 октомври 2018
Дваесетгодишниот Фидан Арсовски од Куманово, студент на Факултет за физичко образование, спорт и здравје во Скопје е еден од учесниците на 11. ултра-маратон во чест на Тоше, кој се одржа од 12 до 16 октомври, а се трчаше од Нова Градишка, Република Хрватска до Крушево, поточно 420 километри.
„Да се биде дел од ваков настан за мене е од непроценливо искуство. Тоа беа денови во кои меѓу сите нас владееше позитивен дух, бодрење, неизмерна љубов кон ликот и делото на Тоше кое даваше енергија да истрчаме до крајната цел“, открива младиот маратонец.
Фидан вели дека од година во година организацијата на маратонот и маратонците доживува напредок и тоа благодарение на Меѓународната фондација Тоше Проески, како и на техничкиот организатор Наум Капричевски, кој вложува сé од себе за да обезбеди спонзори за спортската опрема и суплементи кои се неопходни за маратонци.
Домашната екипа била од цела Македонија, а ја сочинувалле: Наум Капричевски, Саша Цветковски, Никола Ѓелов, Тоше Анчев, Зоран Симоновски, Божидар Чаучоски, Филип Филиповски, Никола Јанев, Столе Ангеловски, Марјан Стојков, Христијан Јакимовски и возачите Влатко Јанковски и Ангелче Панчевски.
Екипата по пристигнување го Загреб била сместена во хостел, каде по краток одмор заминале на прошетка низ Загреб и ја посетиле Заедницата на Македонците во Република Хрватска каде наишле на топол пречек.
Исто така го посетиле и Максимир, гробното место на Дражен Петровиќ, како и спомен куќата каде биле пречекани од Бисерка, мајка му Дражен, по кое следувала средба со голем наплив на емоции.
Од Нова Градишка започнал 11.-тиот ултра-маратон во чест на Тоше. Рано изутрина маратонците веќе биле на излез од Хрватска, поради забрана за трчање од српската страна биле приморани да го извозат патот, па од Табановце продолжиле со трчањето.
По пристигнувањето во Скопје, маратонците продолжиле во Крушево каде наишле на голем пречек од страна на целиот град, почнувајќи од администрацијата, лекарите, па сé до учениците кои по патот им оставале рози.
„Најголем впечаток ми остави пречекот во Крушево. Тоа беше момент кој не се заборава, полн со љубов и младина која нé пречека со рози. Тоа е доказ дека ликот и делото на Тоше Проески засекогаш ќе остане запишан во колективната меморија на Македонија.“ - споделува Фидан.
Автор: Евгениј Хоуп | Црнобело