Светско првенство: Познати првите патници во осминафиналето
- Детали
- понеделник, 25 јуни 2018
Со комплетирањето на второто коло, познати се и првите патници во осминафиналето. Помеѓу нив има неколку држави кои изненадија. Еве што се случуваше изминатава недела.
Што се случуваше изминатава недела:
Група А
Во групата А, Русија го совлада Египет со 3:1, со што стана првата селекција којашто се избори за пласман во осминафиналето. Во вториот натпревар Уругвај беше поуспешен од Саудиска Арабија со 1:0, па и тие ќе одат понатаму.
Единствено што преостанува во оваа група е да видиме кој ќе оди како прв, а кој како второпласиран во директниот дуел помеѓу Русија и Уругвај.
Египет и Саудиска Арабија ќе се вратат дома, а во меѓусебниот натпревар, ќе се обидат да освојат и по некој бод.
Група Б
Во групата Б, сè уште е неизвесно, единственото нешто што е сигурно е дека Мaроко ќе си оди дома. Тие изгубија од Португалија со 1:0, и покрај тоа што имаа повеќе шанси.
Во вториот натпревар, Шпанија славеше против Иран со 1:0, и се избори за важни 3 бода. Следното коло, Португалија ќе игра против Иран, а Шпанија против Мaроко.
И Шпанија и Португалија можат со нерешен резултат да се пласираат понатаму, меѓутоа Кристијано Роналдо, како и Иско, Иниеста и Диего Коста, повеќе од сигурно е дека нема да се задоволат само со бод.
Иран мора да победи против Португалија доколку сака да се пласира понатаму. Тој при нерешен резултат ќе треба да се надева на триумф на Мaроко над Шпанија (нешто што веројатно нема да се случи).
Група Ц
Во оваа група, Франција веќе се пласираше во понатамошната фаза од натпреварувањето по победата над Перу со 1:0, па останува само да видиме дали како првопласирани ќе одат понатаму, а тоа ќе го одлучат во натпреварот со Данска.
На Данците пак, ќе им треба барем бод за да одат понатаму откако одиграа нерешено со Австралија 1:1. Австралија е сѐ уште во игра, но ќе мора да победи против Перу, и да се надева на победа на Франција над Данска.
За Перу, ова првенство е завршено, тие немаат никаква шанса за понатамошен пласман.
Група Д
Во групата Д, Хрватска е првиот тим кој го заработи пласманот во осмина финалето по победата над Аргентина со неверојатни 3:0. За Аргентинците сепак не е сѐ готово, откако Нигерија успеа да го победи Исланд со 2:0.
Нигерија во директен натпревар против Аргентина во последното коло ќе треба да освои барем бод, за да се пласира понатаму, а Исланд и Аргентина мора да победат доколку сакаат да продолжат да учествуваат на ова првенство.
Група Е
Во групата Е, ситуацијата е слична како во групата Б. Овде Бразил е на првото место откако славеше против Костарика со 2:0, а Швајцарија со исто толку бодови, меѓутоа со послаба гол разлика, е на второто место откако направи пресврт на натпреварот против Србија и славеше со 2:1.
Во последното коло, доколку победат Швајцарците, Србија или Бразил ќе се борат за понатамошен пласман во меѓусебниот дуел. За Костарика, ова првенство е завршено.
Група Ф
Во оваа група Мексико е првиот тим кој се избори за пласман во 16-те најдобри, славејќи над Кореа со 2:1. Во вториот натпревар помеѓу Шведска и Германија, изгледаше како сѐ да е готово за Германците, меѓутоа Тони Крос со удар во последната минута успеа да извојува победа за својата селекција од 2:1, задржувајќи ги во игра Германците.
Во последното коло, Кореа ќе се надева на триумф против актуелниот шампион, и пораз на Швеѓаните. Шведска и Германија ќе се надеваат на победа против Мексико односно Кореа, меѓутоа Шведска поради поразот од Германија е во понезавидна позиција.
Група Г
Во оваа група сѐ е решено. Понатаму одат Белгија и Англија, а во меѓусебниот дуел ќе одлучат кој ќе оди како првопласиран. Тунис и Панама немаат никакви шанси по двата пораза.
Белгија славеше над Тунис со 5:2, а Англија славеше над Панама со 6:1. Интересно, поради истата гол разлика, доколку Англија и Белгија одиграат нерешено во последното коло, како првопласиран ќе оди тимот со помалку жолти односно црвени картони.
Група Х
Во групата Х, освен Полска, сите други се сѐ уште во игра. Јапонија и Сенегал одиграа нерешено 2:2, а Колумбија славеше над Полска со убедливи 3:0.
Во последното коло, Колумбија мора да победи против Сенегал, а на Јапонците им е доволен и бод против Полска.
Сенегал исто така ќе биде задоволен со бод, но повеќе од сигурно е дека ќе сака да заврши како прв во групата со што би одбегнал потежок противник.
По второто коло, најдобар стрелец е Хари Кејн со 5 погодоци, а зад него се Ромелу Лукаку односно Кристијано Роналдо со по 4.
Најдобри асистенти се: Хамес Родригез, Карлос Санчез (Уругвај) и Александр Головин со по 2 асистенции.
Црвени картони досега имаат заработено: Жером Боатенг и Карлос Санчез (Колумбија).
еНВи | Црнобело