RED BULL CLIFF DIVING / 2016 / FRANCE / LA ROCHELLE - Хант го комплетира камбекот со хет-трик во Франција
- Детали
- понеделник, 25 јули 2016
Британецот го изведе скокот со најголем коефициент на тежина за стигне до трета победа во низа во Франција.
Ла Рошел (ФРАНЦИЈА) – Со победа пред расположената 70-илјадна публика, 32-годишниот Хант го комплетираше својот забележителен камбек на четвртата станица од сезоната за 2016 година. Натпреварувањето во Ла Рошел беше одржана во историско опкружување, а Британецот по првите две рунди беше на 12 место и успеа да направи пресврт со речиси совршена изведба од 27-метарската платформа во последните рунди, вклучувајќи го и скокот со најголем коефициент на тежина. Американецот Енди Џоунс стигна до второто место, што е негов идентичен резултат со претходниот настап во Португалија, додека трет беше Михал Навратил од Чешка, кој беше на подиумот на првото натпреварување во Тексас, а сега успеа да се најде повторно меѓу најдобрите во родното место на светската серија Red Bull Cliff Diving. За прв пат оваа година на подиумот го нема Џонатан Паредес, но Мексиканецот останува на второто место во генералниот пласман за време на петнеделаната летна пауза која следува.
- Ова е коцкање за кое вреди да се потрудиш, а јас сум расположен да се обидам,- рече Хант пред почетокот на натпреварувањето кое се одржа од застрашувачката кула „Свети Никола“ во Бискајскиот Залив.
Ова е втор пат како Хант го изведе скокот со најголем коефициент на тежина, трикратно салто напред со четири и половина вртења, за што доби „деветки“ од жирито и успеа да се издигне од 12 на прво место, а тоа е негова трета победа во низа откако отсуствуваше од подиумите на затворањето на ланската сезона и отворањето на новата.
- Неверојатно е, не толку поради третата победа во низа, туку самата победа тука. Живеам тука веќе шест години и сите луѓе со кои тренирав минативе години беа тука за да гледаат. По слабиот старт, беше неверојатно, предното трикратно салто е скок на кој работев две и пол години. Го замислив со помош на мојот пријател од Саутемптон и од тогаш работам на него. Го пробав еднаш во Тексас, не помина најдобро, но денес беше поинаку,- изјави Гери Хант.
Додека Хант како петкратен шампион и освојувач на 28 победи во 54 настапи е вообичаено лице на подиумот, вториот пласман на Џоунс и Навратил се своевидно позитивно изненадување, бидејќи сега и двајцата имаат по два подиума во четири настапи, па претставуваат закана за Бриатнецот. Паредес заврши шести во Франција, па Хант во летната пауза влегува со комфорна предност пред Мексиканецот, додека Џоунс на третото место бележи личен најдобар рекорд во петте сезони на свестката серија Red Bull Cliff Diving.
Петтото натпреварување ќе се одржи на југот на Италија, недалеку од Бари, во малото место Полињано а Маре, каде што на 28 август повторно ќе се натпреваруваат и девојките.
Резултати: 1. Гери Хант (Велика Британија) 507,40 поени, 2. Енди Џоунс (САД) 484,65 поени, 3. Михал Навратил (Чешка) 484,25 поени, 4. Крис Коланус (Полска) 471,75 поени, 5. Орландо Дуке (Колумбија) 468,00 поени, 6. Џонатан Паредес (Мексико) 463,10 поени, 7. Стивен Лобуе (САД) 435,50 поени, 8. Серхио Гузман (Мексико) 368,00 поени
Табела: 1. Гери Хант (Велика Британија) 710 бодови, 2. Џонатан Паредес (Мексико) 530 бодови, 3. Енди Џоунс (САД) 390 бодови, 4. Орландо Дуке (Колумбија) 360 бодови, 4. Михал Навратил (Чешка) 360 бодови, 6. Крис Коланус (Полска) 310 бодови, 7. Дејвид Колтури (САД).