Арх ја доби воздушната битка над Ровињ
- Детали
- вторник, 02 јуни 2015
Австриецот Ханс Арх втора година по ред победи во трката од светското првенство Red Bull Air Race одржана во Ровињ, Хрватска, која што оваа година беше една од најконкурентните во историјата на спортот каде што се развиваат големи брзини на мали височини. Австриецот направи камбек со стил откако на тренинзите и квалификациите имаше потешкотии, победувајќи на третата трка во сезоната и претворајќи го првенството во битка на тројца пилоти за титулата.
РОВИЊ, Хрватска – Арх надвладеа во интензивна битка против најдобрите светски пилоти, како и со променливите ветришта над Јадранското Море, за да постигне победа во Red Bull Air Race трката што се возеше во Ровињ, Хрватска. Чешкиот пилот Мартин Сонка со пласманот на второто место го обезбеди најголемиот успех во кариерата, додека во трката каде што се постигнуваа брзини од 370 километри на час третопласиран беше Мат Хол од Австралија. Ова е негов трет пласман на подиумот во низа, и тоа на тешката патека доминирана од ветерот, поставена блиску до брегот во Ровињ.
- Ова е посебно нешто,- рече Арх, кој видливо беше трогнат од поддршката што ја имаше од австриските навивачи, како и од семејството, за да се врати по разочарувачкото 11 место на претходната трка во Чиба, Јапонија. - Започнавме бавно на тренинзите оваа седмица, но сфатив дека моите линии на летање се добри па се фокусирав само на себе и никој друг. Навистина сум среќен што победив во Хрватска пред толку многу навивачи.
Британецот Пол Боном, кој ги доби квалификациите, но заврши осми, како и австралискиот пилот Мат Хол кој беше трет, водат на табелата со по 25 поени за секого, додека Австриецот Арх се искачи од седмото место во генералниот пласман на третата позиција со 17 поени, од кои 12 му се за победата во Хрватска. Ова беше негова десетта победа во кариерата, со што ги доведе многубројните австриски навивачи до лудило.
Ова беше посебна трка и за Сонка, кој имаше многу навивачи од блиската Чешка Република. Бранителот на трофејот, Најџел Лемб, заврши на разочарувачкото петто место.
Во целата акција учествуваше и Феликс Баумгартнер, кој го сврте вниманието на светската јавност во 2012 година кога стана првиот човек што го проби звучниот ѕид со слободен пад, постигнувајќи брзина од 1.357,6 километри на час (1,25 Маха), по скокот од балонот на висина од 38,9 километри од Земјата. Овој Австриец кој со години се познава со пилотите како Арх и Бешењи, го следеше натпреварот од „птичја перспектива“, управувајќи со хеликоптер за акредитираните фотографи.
Индикација за зголемената конкурентност е фактот што петте најдобри пилоти на квалификациите имаа резултати во интервал од 25 стотинки или една четвртина од секундата, а во трката имаа бројни директни дуели кои беа решени со мали делови од секундата.
Даниел Рифа од Шведска победи на трката од Купот на предизвикувачите, кој што е создаден за да им даде шанса на следната генерација на пилоти да се развиваат и летаат на ниски височини во тркачки услови. Микаел Брагжо од Франција се пласираше на второто место, додека Кристијан Болтон од Чиле е трет.
Во серијата Red Bull Air race, која е официјално светско првенство на светската воздухопловна федерација ФАИ, врвните пилоти постигнуваат крајни брзини од 370 километри на час, издржувајќи притоа гравитациски сили кои се до 10 пати поголеми, навигирајќи на слалом патеката означена со 25 метарски воздушни кули.