Давор Шукер во посета на ФФМ
- Детали
- среда, 04 март 2015
Претседателот на Фудбалската федерација на Македонија Илчо Ѓорѓиоски денеска во „Куќата на фудбалот“ оствари работна средба со претседателот на Хрватскиот фудбалски Сојуз, Давор Шукер. На средбата со Ѓорѓиоски, првиот човек на хрватскиот фудбал ја претстави својата програма како кандидат за член на Извршниот комитет на УЕФА.
Двајцата претседатели разговараа и за можноста за соработка меѓу двете федерации, фудбалските предизвици со кои се соочуваат, а ја отворија темата и за евентуалното регионално клупско натпреварување кое како иницијатива и предлог до УЕФА го претстави ФФМ.
- Давор Шукер е наш драг пријател и задоволство е што денеска е гостин во „Куќата на фудбалот“. Ние сме во заедничка комисија во УЕФА и разговараме околу предлозите, активностите и идеите кои можат да придонесат за развој на фудбалот, посебно на овие простори. Соработката меѓу двете федерации е на високо ниво, се трудиме таа соработка да ја продлабочиме и мораме да го користиме искуството на останатите федерации, посебно во поглед на развојот на квалитетна база за млади фудбалери, а во тој поглед Хрватската федерација прави одлична работа. За нас е многу значајно што првите луѓе на ХНС ја поздравуваат и позитивно се изјаснуваат по предлогот доставен до УЕФА за клупско регионално натпреварување од причина што сите во регионот се соочуваат со истите проблеми - намален број на гледачи на стадионите, недоволен интерес за домашните првенства, мал број на меѓународни натпревари.Се надевам дека заедничката соработка ќе ни донесе многу позитивни резултати, ние секогаш ќе ги поддржуваме луѓето за кои фудбалот е на прво место, изјави претседателот на ФФМ, Илчо Ѓорѓиоски.
Претседателот на ХНС, Давор Шукер исто така изрази задоволство од соработката со ФФМ, нагласувајќи ја потребата од нови идеи и предлози во поглед на развој на фудбалот во регионот.
- Вие сте наши големи пријатели, Илчо е мој пријател и соработник, како поранешни активни фудбалери наша заедничка потреба е меѓусебно да бидеме од помош за проектите и активностите кои го унапредуваат фудбалот на овие простори. Јас се надевам дека ќа ја добијам поддршката од вашата куќа во гласањето за Извршниот комитет на УЕФА и на тој начин ќе имам можност да помогнам на условно, помалите федерации. Вие претставивте одличен предлог за регионално клубско натпреварување кое во блиска иднина може да стане реалност и да биде на одреден начин двигател на фудбалот на овие простори, изјави Давор Шукер.