Сакаше да се откаже од тенисот, а сега е меѓу најдобрите на Вимблдон: Која е хрватската тенисерка Дона Векиќ?
- Детали
- недела, 14 јули 2024
Најголемото изненадување на годинешниот Вимблдон е хрватската тенисерка Дона Векиќ. Девојката која во 2021 година сакаше да се откаже од тенисот, е вистинска сензација и нова спортска хероина, не само во Хрватска, туку и во регионот.
Хрватската тенисерка Дона Векиќ го доби епитетот „феникс“, откако по долги години просечна кариера, успеа да се пласира меѓу најдобрите 4 тенисерки на Вимблдон, и тоа само неколку години откако сакаше да се откаже од белиот спорт.
Дона неодамна наполни 28 години, а роденденот го прослави во спортското село на Вимблдон, со две торти.
Но, освен што играше на еден од најголемите турнири во светот, таа периодов наголемо се подготвува и за настапот на Олимписките игри во Париз, кои ќе почнат на крајот на овој месец.
И сето ова е огромно изненадување и за неа, но и за нејзините фанови, бидејќи пред само неколку години таа сакаше да го остави рекетот и да ја заврши кариерата, откако имаше голема повреда на коленото.
По рехабилитацијата се врати посилна на теренот и во подобра форма од кога и да е претходно, а доказ за тоа се и последните одлични спортски резултати што ги постигнува.
„Последните неколку години беа тешки, но мило ми е што не се откажав. Денес се гордеам со себе“, изјави таа, откако се пласираше во полуфиналето на Вимблдон.
Која е Дона Векиќ?
Родена е на 28.06.1996 година во Осиек, Хрватска, а живее во Монте Карло
Нејзиниот помлад брат, Бранко, е фудбалер, а мајка ѝ била атлетичарка и се натпреварувала во трки од 100m до 400m.
Професионално игра тенис од 2012 година
Во овие 12 години освоила 4 турнири, а најдобриот пласман на еден Гренд слем турнир, пред годинешниот Вимблдон, ѝ е третото коло на Ролан Гарос во 2015 година.
Тениски идоли ѝ се Серена и Венус Вилијамс
Гледајќи ги нивните натпревари посакала еден ден и таа да заигра на Вимблдон (другите Гренд слемови не ѝ биле предизвик во тоа време).