Том Круз не отишол на Оскарите за да не ја сретне Никол Кидман – што знаеме за нивниот бурен развод?
- Детали
- вторник, 14 март 2023
Том Круз и Никол Кидман се разведоа пред 20 години, наводно поради скиентолошката црква, а цела деценија немаат никаков контакт. Сега, пак, извори блиски до Том тврдат дека тој не присуствувал на Оскари 2023 само за да не ја сретне Никол. Што друго знаеме за бурниот развод на актерите?
Новиот филм на Том Круз – Top Gun: Maverick – годинава беше номиниран за шест Оскари, вклучувајќи и за најдобар филм.
Покрај тоа, според Стивен Спилберг, еден од најпознатите и најнаградуваните режисери, Том Круз „го спасил Холивуд“ бидејќи со новиот филм ја натерал публиката да се врати во киносалите по пандемијата.
Што значи, Том Круз е важно име во филмската индустрија и е почитуван од сите.
Но, актерот не се појави на 95-тото доделување на Оскарите, а сега извор близок до него тврди дека причината е Никол Кидман.
Никол и Том се разведоа пред 20-тина години, а актерката присуствуваше на доделувањето со сегашниот сопруг Кит Урбан.
„Том не беше таму бидејќи таа беше таму, и не сакаше да се сретнат“, тврди изворот за Daily Mail.
Друг извор, пак, вели дека отсуството на Том „не е ништо лично“. Едноставно, тој имал натрупан распоред.
Сепак, изворот одбил да коментира дали и Никол е една од причините.
И Том и Никол се познати актери кои се поканети на сите важни настани во филмската индустрија, но со години се избегнуваат еден со друг. Односно, од разводот, тие немаат присуствувано на ист настан.
На пример, пред Оскарите секогаш се одржува вечера на која присуствуваат познатите актери и режисери. Годинава вечерата се одржа на 13 февруари и додека Том Круз беше присутен, Никол Кидман одби да се појави.
Никол Кидман и Том Круз се запознаа во 1990 година, на сетот на филмот Days of Thunder.
Тогаш актерката имаше само 23 години и за неа не знаеше скоро никој.
Штом ја почна врската со Том, Никол Кидман се најде во центарот на вниманието бидејќи актерот веќе беше голема ѕвезда.
Парот се венча истата година и заедно посвоија две деца – ќерката Изабела и синот Конор.
Нивниот брак траеше до 2001 година кога актерот ја остави актерката и поднесе барање за развод. Според барањето, причината за разводот биле „ненадминливи разлики помеѓу нив“.
Малку се знае за разделбата на Никол и Том, но некои извори тврдат дека таа одбивала да се приклучи на скиентолошката црква и актерот не можел да го прифати тоа.
Според поранешни членови на црквата, Никол Кидман не била омилена помеѓу другите членови бидејќи нејзиниот татко бил психијатар, но и бидејќи самата не покажувала голем интерес за скиентологијата.
Некои тврдат дека лидерот на црквата почнал да прави заговори против нивниот брак бидејќи Том покажувал сè помал интерес за скиентологијата поради Никол.
Постојат и гласини дека црквата ја следела и прислушувала Никол.
„Кога Том и Никол се разведоа, лидерот беше среќен бидејќи ’негативното влијание‘ на Никол повеќе не го одвлекуваше Том од црквата. Потоа Круз почна јавно да ги поддржува црквата и лидерот“, тврди поранешниот скиентолог Мајк Риндер.
Дури во 2012 година Никол првпат прозборе за болниот развод:
„Мислев дека нашиот заеднички живот е совршен. Ми требаше многу време за да го преболам. Целата ситуација беше шок за мене.
Бевме само ние двајца. Станавме многу зависни еден од друг. Тогаш ќе отидев до крајот на светот за Том – лудо се вљубив во него“.
Сепак, во истото интервју, актерката сподели дека тогаш била наивна и дека сега е посреќна од кога било.
Никол и Том немале никаква интеракција повеќе од една деценија. Всушност, Никол нема никаков контакт ни со децата што ги посвоија.
И Изабела и Конор денес се дел од скиентолошката црква, а некои извори тврдат дека оттаму ги натерале да прекинат контакт со мајка им.
Во 2015-та, Никол прозборе и за нив:
„Тие се возрасни личности. Способни се сами да одлучуваат. Одлучија да бидат скиентолози, а мене, како мајка, работата ми е да ги сакам“.
Том Круз, од друга страна, нема кажано ниту еден збор за Никол Кидман по нивниот развод.
Спирова С. | Црнобело