6 познати личности кои се прославија во детството и беа експлоатирани од родителите за пари
- Детали
- недела, 16 април 2023
Меколи Калкин немал воопшто слободно време бидејќи татко му го терал постојано да оди на аудиции и да се подготвува за улоги. Истовремено, тој не му ги давал заработените пари, поради што актерот го тужеше и оттогаш не зборува со него. Кои други ѕвезди се прославија поради желбата на родителите, а притоа беа и експлоатирани од нив?
Многу познати личности се присутни во забавната индустрија уште од нивното детство, а во голем број вакви случаи самите немале ни избор.
Нивните родители биле тие кои ги терале да настапуваат и да одат на аудиции или за нив потпишувале договори со модни агенции.
Некогаш родителите имаат најдобри намери, но во некои ситуации тие ги експлоатираат своите деца и го злоупотребуваат нивниот талент за самите да се збогатат.
6 познати личности кои биле експлоатирани од родителите за пари:
Тејлор Момсен
Актерката која се прослави со серијата Gossip Girl, но и која има свој музички бенд, честопати беше критикувана за лошото однесување.
Според луѓе кои работеле на Gossip Girl, Тејлор била ужасна кон целата екипа.
Тејлор се огласи за овие обвинувања и истакна дека била присилена да стане дел од забавната индустрија, а тоа има влијание и врз нејзиното однесување кон сите од индустријата.
Имено, нејзините родители потпишале договор со модна агенција кога таа имала само две години, со надеж дека ќе стане позната и ќе заработи пари за нив.
„Ниту едно 2-годишно девојче не сака да работи, но јас немав избор. Целиот живот ме запишуваа и отпишуваа од училиште. Немав пријатели. Работев постојано и немав реален живот“.
Брук Шилдс
Брук Шилдс стана актерка само поради мајка ѝ која долг период беше и нејзин менаџер.
Кога актерката имаше само 12 години, мајка ѝ се согласи да глуми дете-проститутка во филмот Pretty Baby, што предизвика лавина негативни реакции од јавноста.
Во филмот има дури и сцена во која 12-годишната Брук е гола.
Сепак, актерката вели дека не жали за контроверзната улога, но вели дека таа како мајка не би го направила истото како мајка ѝ.
„Во оваа средина и социјалните мрежи и нивото на опасност, кога ќе ја погледнам мојата 11-годишна ќерка, не би го дозволила тоа“, сподели таа во 2018-та.
Џуди Гарланд
Џуди Гарланд почнала да танцува и пее заедно со нејзините сестри уште на 2-годишна возраст.
Нејзиниот татко бил сопственик на мало локално кино, па Џуди и сестрите настапувале пред проекциите на филмовите.
Кога наполнила четири години, Џуди, заедно со мајка си и сестрите, се преселила во Калифорнија, по што почнала експлоатацијата.
„На денот на којшто пристигнавме, сета забава од моето семејство почна да исчезнува. Одеднаш, мајка ми одлучи дека ние мора да бидеме ѕвезди.
Почна да нè влечка насекаде со надеж дека ќе бидеме забележани од некој важен“.
Веќе до седмиот роденден, Џуди и сестрите настапувале секоја вечер, а на 16-годишна возраст таа ја доби улогата во The Wizard of Oz.
Меколи Калкин
Таткото на Меколи Калкин бил и негов менаџер, а актерот има откриено дека немал воопшто слободно време во раните 90-ти.
Татко му ја контролирал секоја минута од неговиот ден, го носел по аудиции и го терал да ги учи дијалозите за филмовите до утринските часови.
По последната улога во 1994 година, Меколи им рекол на родителите дека крева раце од актерската кариера бидејќи е преморен.
Тој дури и го тужеше татко му кој не му давал голем дел од заработените пари и оттогаш не е во контакт со него.
Дру Баримор
На само 11 месеци, Дру ја снимила нејзината прва реклама, благодарение на нејзината мајка. На седум години таа стана светски позната по улогата во E.T., по што нејзината мајка ѝ стана менаџер.
Поради мајка ѝ, актерката била изложена на дрога и на само 12 години заврши на рехабилитација.
На прашањето дали се чувствува експлоатирано од родителите, Дру изјави:
„Мислам, секако. Посебно од мајка ми“.
Мајкл Џексон
Пред соло-кариерата, Мајкл Џексон беше дел од бенд – Jackson 5 – во кој останатите членови беа неговите браќа.
Нивниот татко им беше менаџер, а пејачот има откриено дека бил физички насилен со цел да ги натера да вежбаат понапорно и со тоа да заработат повеќе пари.
Ако направеле и најмала грешка за време на пробите, татко им ги тепал со колан или кабел.
Спирова С. | Црнобело