Хејли Бибер ја прегрнува Селена Гомез на настан во Лос Анџелес, откако изјави дека не ѝ го „украла“ Џастин Бибер (фото)
- Детали
- понеделник, 17 октомври 2022
Откако Хејли Бибер изјави дека немала афера со Џастин Бибер додека тој беше во врска со Селена Гомез, двете девојки позираа заедно на настан во Лос Анџелес, а во еден миг и се прегрнаа - неочекувана глетка.
Само две недели откако Хејли Бибер конечно прозборе за гласините дека „го украла“ Џастин Бибер од Селена Гомез, двете девојки се фотографираа прегрнати на настан во Лос Анџелес.
26-годишната Хејли и 30-годишната Селена викендов се сретнаа на настан и ја искористија можноста да ѝ покажат на јавноста дека навистина се во добри односи.
Најпрво моделот и пејачката позираа, а потоа и се прегрнаа.
Зa настанот, бившата девојка на Џастин Бибер одбрала елегантен црн костим, додека сопругата на пејачот носеше кафеав фустан со разголен стомак.
„Селена и Хејли беа многу опуштени на настанот. И двете се среќни со нивните животи. Сакаа да му покажат на светот дека помеѓу нив нема никаков раздор“, вели извор на Daily Mail кој присуствувал на настанот.
Наводно, Џастин, кој не присуствуваше на настанот, бил пресреќен што конечно ќе престане да се зборува за односот помеѓу Хејли и Селена и јавноста ќе сфати дека не постојат никакви конфликти.
Во неодамнешно интервју, Хејли отворено зборуваше за многу детали од бракот со Џастин, а одлучи да ја спомне и Селена.
Уште откако таа и Џастин ја почнаа врската, јавноста шпекулираше дека Хејли „го украла“ пејачот од Селена. Односно, многумина веруваа дека Џастин ја изневерувал Селена со Хејли, пред конечно да стават крај на врската.
Во интервјуто, Хејли ги негираше овие гласини истакнувајќи дека Џастин ја немал изневерено Селена ниту еднаш.
„Кога јас и тој почнавме да се гледаме, тој не беше во врска. Јас не сум личност која сака да се меша во туѓи врски. Родителите ме воспитале подобро од тоа“.
Џастин и Селена раскинуваа неколкупати, а кратко по разделбата во 2014-та, јавноста почна да го поврзува пејачот со Хејли.
Во 2016-та Џастин и Хејли имаа кратка врска, но набрзо потоа се разделија.
Истата година, Џастин почна да се гледа со Софија Ричи, но врската траеше едвај два месеца.
Во 2017-та, Џастин и Селена беа забележани заедно, па ги разгорија гласините дека можеби ѝ дале уште една шанса на врската. Следната година тие изјавија дека се смириле.
Но, врската не потраја – во март 2018-та тие повторно се разделија, а веќе во јуни, Џастин повторно почна да се гледа со Хејли.
Тие се венчаа речиси веднаш, односно во септември 2018 година.
Поради сето ова, разбирливо е што на јавноста ѝ изгледа како Хејли да „го украла“ Џастин од Селена.
„Јасно ми е како изгледа однадвор, но тоа беше ситуација за која со сигурност знам дека најдоброто за Џастин и Селена беше да ја затворат таа врата. Но, секако, тие имаат долга заедничка историја и јас го почитувам тоа. Не сакам да зборувам во името на ниту еден од нив“, додаде Хејли во интервјуто.
Од почетокот на врската со Џастин, Хејли честопати е напаѓана од фановите на Селена.
„Има многу омраза кон мене и коментари во смисла дека сум го украла Џастин, како и дека тој посакувал да биде со друга. Во ред, верувајте во тоа колку што сакате, но тоа не е вистината“.
Хејли додава и дека веќе ги игнорира ваквите коментари, бидејќи, по некое време, се навикнала на нив.
„Ова се случува до денес. Сепак, во животот стигнувате до точка каде што треба да го игнорирате тоа. Ние го надминавме ова, зошто не можете и вие?“
Погледнете и Хејли Бибер отворено за сексуалниот живот со Џастин: „Омилена поза ми е кучешката, тој сака со часови да разговараме пред да имаме секс“
Спирова С. | Црнобело