„Среќен сум што преживеав“ - Ештон Кучер не можел да слуша, гледа и оди заради ретко воспаление на крвните садови
- Детали
- вторник, 09 август 2022
Во епизода од шоуто на авантуристот Беар Грилс, Ештон Кучер откри дека пред околу три години имал воспаление на крвните садови поради што не можел да гледа, оди и слуша. Актерот истакнува дека сега се чувствува одлично, но и дека му била потребна цела година за да се врати во нормала.
Ештон Кучер гостуваше во емисијата на познатиот авантурист Беар Грилс, а во краток инсерт од епизодата која уште не е објавена, открива дека пред три години речиси ќе го изгубел животот поради автоимуна болест.
Во инсертот, актерот и Беар Грилс се движат низ густа шума, кога Ештон почнува да го споделува искуството со болеста.
Тој вели дека имал автоимуно нарушување, познато како васкулитис. Ова нарушување е всушснот воспаление на крвните садови и го намалува дотокот на крв.
Актерот истакнува дека е среќен што останал жив.
„Имав чудна, многу ретка форма на васкулитис, што ми го наруши видот, слухот, чувството за рамнотежа. Ми требаше цела година да се вратам во нормала“.
Според Mayo Clinic, поради нарушувањето, ѕидовите на крвните садови се задебелуваат, a со тоа се намалува дотокот на крв. А, кога е намален дотокот на крв, органите почнуваат да се оштетуваат.
Актерот вели дека иако целото искуство било страшно, сепак му помогнало повеќе да ги цени сетилата за вид и слух, но и повеќе да го цени животот.
„Не цените нешто сè додека не го изгубите, сè додека не помислите ’Не знам дали ќе можам да гледам повторно, дали ќе можам да слушам повторно, дали ќе можам да одам повторно‘“.
Ештон сподели и дека сега, на предизвиците како болеста, гледа како можност за созревање.
Откако видеото беше споделено, актерот се огласи и на Твитер:
„Пред да почнат да се шират гласини или што било... Да, имав васкулитис пред три години. Имав проблеми со слухот, видот и рамнотежата. Целосно закрепнав. Добар сум. Продолжуваме понатаму“.
https://twitter.com/aplusk/status/1556802166072889344
Актерот не откри кога почнал да ги забележува проблемите со здравјето, но факт е дека на почетокот од пандемијата се држеше настрана од јавноста, а не беше ни многу активен на социјалните мрежи.
Актерот и сопругата Мила Кунис уште се држат настрана од јавноста, но кратко откако беше објавено видеото се појавија на хуманитарен настан.
И двајцата беа во лежерно издание и изгледаа одлично.
Спирова С. | Црнобело