Бил зависник од секс, a доаѓал само за да ја теши - Што знаеме за наводната афера на Џејмс Франко и Амбер Херд?
- Детали
- недела, 05 јуни 2022
Амбер Херд тврди дека Џејмс Франко бил еден од ретките пријатели кому му се доверила за своите проблеми во бракот со Џони Деп. Наводно тој по расправиите доаѓал доцна навечер во нејзиниот дом за да ја теши – Што знаеме за нејзиниот однос со Џејмс Франко, кој неодамна призна дека бил зависник од секс?
Во рамки на судењето помеѓу Џони Деп (58) и Амбер Херд (36), најголем впечаток остави моментот кога адвокатите на актерот ја обвинија актерката дека имала афера со Џејмс Франко (44) додека била во брак со него.
Дополнително беа објавени видеа на кои се гледа како Амбер во ноќница и капут го пречекува во лифт и го прегрнува.
Прочитајте и Видео од Амбер Херд како гола ги пречекува љубовниците по кавгите со Џони Деп + Факти за ексцентричниот љубовен живот
Оттука се поставува прашањето, во какви односи беа Амбер Херд и Џејмс Франко и што знаеме за холивудскиот актер, кој заедно со Илон Маск беше посочен како еден од двајцата љубовници со кои таа имала афера додека била во брак со Џони Деп, кој успеа да докаже дека бил жртва на клевета и треба да добие отштета од 8 милиони долари.
Слично како на Амбер, и кариерата на Франко ја „тресеа“ скандали во изминатите години по признанието дека имал секс со ученички во неговата школа за глума и дека со години бил зависник од секс, а во последниот период се обидува да си го поправи имиџот, така што новите прозивки воопшто не му одат во прилог.
Во какви односи бил Џејмс Франко со поранешната сопруга на Џони Деп и зошто неговото име се спомнува толку често:
Во 2008-мата година, пред да го запознае сопругот Џони Деп, Амбер и Џејмс работеа заедно на снимањето на филмот Pineapple Express. Филмот е полн со сцени во кои актерите консумираат опојни супстанци, а Амбер ја играше улогата на девојката на главниот лик, коj го толкуваше Сет Роген.
Нивната соработка продолжува и понатаму и во 2015-та година. Амбер и Џејмс повторно играа заедно во филмот The Adderall Diaries. Во филмот, Франко игра улога на писател што страда од авторски блок, а Амбер беше негова девојка.
Додека беше во врска, а потоа и во брак со Џони Деп, во медиумите често беа објавувани фотографии на кои таа оди прегрната со Џејмс Франко, но таа тврдеше дека тој ѝ е само пријател. На судењето откри дека најчесто нему му се доверувала за сите проблеми што ги имала со сопругот.
Во рамки на најновото судење, откако беа објавени видео снимките во кои се гледа како Амбер во ноќница и капут го пречекува Џејмс Франко во лифтот, една вечер пред да поднесе документи за развод, таа рече дека нејзиниот сопруг бил љубоморен на нејзиниот однос со него.
„Тој ми беше лут затоа што прифатив нов филм со Џејмс Франко. Го мразеше Џејмс Франко и ме обвинуваше дека сум имала афера со него во минатото кога работевме на снимањето на Pineapple Express“ – рече Амбер.