Ријана и Ејсап Роки добија син: „Пресреќни се, таа веќе е прекрасна мајка“
- Детали
- петок, 20 мај 2022
Според (сигурни) извори на неколку популарни светски медиуми, Ријана и Ејсап Роки го добиле нивното прво дете – син – на 13-ти мај, но двајцата уште ги немаат потврдено новостите и не се знае кое име го одбрале.
Ријана и нејзиното момче Ејсап Роки го добија нивното прво дете. Иако парот нема споделено ништо, извор на People кој наводно е близок до парот ги потврдил новостите.
„Ријана е добра. Тие се многу возбудени што станаа родители. Ријана веќе е прекрасна мајка“, гласи изјавата на изворот.
Според извор на TMZ, пак, Ријана се породила на 13-ти мај и добила синче.
Последен пат Ријана беше забележана во јавност на 9-ти мај во Калифорнија, заедно со Ејсап Роки, а неколку денови подоцна се појавија гласини дека можеби се породила.
Тогаш веста ја сподели лице кое наводно работело во болницата во којашто се породила пејачката, но многумина не веруваа. Сепак, по сè изгледа веста била точна.
Ријана откри дека го очекува првото дете на почетокот од годината, иако само неколку денови претходно ги демантираше сите гласини за нејзината бременост.
34-годишната пејачка речиси веднаш почна да „крева прашина“ со смелите модни комбинации со кои гордо го покажуваше трудничкиот стомак.
„Уживам што не мора да се грижам да го покривам стомачето. Ако се чувствувам малку поголемо, си велам дека не ми е грижа бидејќи ќе имам бебе!“
Ријана сподели и дека смелите комбинации ѝ помогнале да се чувствува посамоуверено во текот на бременоста.
„Сега кога сум бремена има денови кога само сакам да лежам по цел ден на креветот. Но, кога ќе се дотерам и ќе си ставам кармин, се трансформирам“.
Првите гласини за Ријана и Ејсап Роки се појавија во јануари 2020 година, откако пејачката се раздели со тогашното момче со кое беше во врска три години.
Дури на крајот од истата година тие почнаа заедно да се појавуваат во јавност, со тоа потврдувајќи ја врската.
Оттогаш парот е практично неразделен, и иако сега се и родители, уште немаат откриено дали планираат да стапат во брак.
Спирова С. | Црнобело