„Мрази луѓе, опседнат е со изгледот и еднаш ме удри“ – првата менаџерка на Том Круз открива дека актерот е ужасна личност
- Детали
- петок, 18 февруари 2022
„За 19-тиот роденден му направив албум со исечоци од магазини со статии за него - ми се развика, го фрли албумот кон мене и ме удри на лицето“, вели првата менаџерка на Том Круз за интервју во коешто открива дека актерот отсекогаш бил ужасна личност.
За Том Круз е добро познат факт дека некогаш има проблеми со гневот. Можеби најдобар „доказ“ за ова е неговиот испад на сетот на Mission Impossible кога ѝ се развика на целата филмска екипа. Јавноста дозна за инцидентот откако протече аудиоснимка.
Сега пак, првата менаџерка на актерот уште еднаш го потврдува ова, но споделува и други необични детали во врска со него – од неговата опсесија со изгледот, па сè до ароганцијата што ја покажувал уште на почетокот до кариерата.
86-годишната Ајлин Берлин била првата менаџерка на Том Круз која, на некој начин, му помогнала да стекне светска слава.
Во интервју за Daily Mail, таа открива дека Том отсекогаш бил проблематично момче, а смета дека во голема мера, причината за ова е неговото трауматично детство.
Ајлин и нејзиниот сега починат сопруг го запознале Том во 1980 година кога тој се обидувал да го избегне проблематичното семејство.
„Ни кажа дека треба да му ја менаџираме кариерата и да му најдеме агент во Холивуд. Направи договор со нас по 18-тиот роденден.
Се издржуваше работејќи како келнер. Бидејќи не заработуваш доволно за сам да изнајми стан, му рековме дека може да живее кај нас“, открива Ајлин.
Ајлин вели дека Том бил многу културен и покажувал огромна почит кон неа и сопругот, но таа била изненадена од неговата опсесија со изгледот.
„Имавме ѕид со големо огледало и Том стоеше пред него носејќи само шорцеви. Постојано си ги стегнуваше мускулите и се восхитуваше на неговата рефлексија. Навистина сакаше да си го покажува телото.
Се гордееше и сакаше да изгледа совршено. Беше загрижен поради неговата висина, па сакаше некакви чевли што ќе направат да изгледа повисоко“.
Поради сето ова, Ајлин смета дека Том можеби има направено некаква корекција на лицето.
„Сметам дека тој ќе направи сè во негова моќ за да го задржи младешкиот изглед“.
Поранешната менаџерка открива дека Том првпат ја покажал нездравата желба за контрола додека се подготвувал за филмот Risky Business од 1983 – улога што го проби во Холивуд.
Том се однесувал како холивудска дива и на менаџерката ѝ доставил листа со 11 барања.
Актерот сакал плата од најмалку 75.000 долари, снимањето да трае 10 недели, да отседнува во луксузен хотел и да ја има најдобрата соблекувална на сетот. Сето ова уште пред воопшто да се пробие на филмската сцена.
„Беше многу себичен. Сè се вртеше околу него“, вели Ајлин.
Присетувајќи се на инцидентот на снимањето на Mission Impossible каде што Том им се развика на колегите, Ајлин вели дека тој отсекогаш бил гневна личност.
„Том има ужасен темперамент. Мислам дека собрал многу гнев кон неговиот татко. Постојано беше нерасположен и лесно се разгневуваше. Во него како да имаше нешто што чека да експлодира во секој момент“.
„За 19-тиот роденден му направив албум со исечоци од тинејџерски магазини со статии за него. Тој само ми се развика: ’Не сакам да бидам во тинејџерски списанија‘!
Ми рече дека се сметал за возрасна личност, а не тинејџерски идол. И, го фрли албумот кон мене и ме удри на лицето“.
Ајлин споделува уште една ситуација каде што Том ја покажал неговата ароганција. Додека бил на пауза од снимање и отишол на ручек со менаџерката, некоја девојка го препознала.
„Келнерката му рече ’Нели си еден од актерите?‘ Том, пак, се сврти кон мене и ми рече: ’Речи ѝ да не ми поставува прашања, уште сум во улогата‘“.
Ајлин и актерот престанале да соработуваат кога тој се преселил во Лос Анџелес. Сепак, останале во контакт, па Том ѝ кажал кога почнал да се интересира за контроверзната скиентолошката црква.
Подоцна актерот ѝ праќал покани за средби во црквата.
„Мислам дека Том е совршениот кандидат за скиентологија. Ми кажа дека не познавал никој во Лос Анџелес и му требала поддршка. Тој не веруваше во терапија со психијатар, но очигледно му требаше помош, па скиентологијата му се најде“.
За крај, Ајлин вели дека не е изненадена за неуспешните бракови на Том – со Мими Роџерс, Никол Кидман и Кејти Холмс.
„Повеќе без изненадена што се венча трипати и што браковите траеја толку долго. Би сакала да има други важни нешта во неговиот живот. Но, сметам дека тој не ги сака луѓето. Тој само си ја сака работата.
Тажна сум за него. Загрижена сум дека е осамен. Сè додека може да работи на филмови, мислам дека ќе биде во ред. А, што ќе се случи ако некогаш не може да го прави тоа – не знам“.
Спирова С. | Црнобело