Нови испади на Канје Вест: Се заканува дека ќе го истепа Пит Дејвидсон, удрил фан со бокс, вели дека Ким ги крие децата до него
- Детали
- понеделник, 17 јануари 2022
Канје Вест продложува да ја изненадува јавноста со испадите – раперот ја обвини Ким Кардашијан дека не му дава да си ги гледа децата, во неговата нова песна се заканува дека ќе го истепа нејзиното ново момче Пит Дејвидсон, a призна и дека удрил со бокс маж кој барал автограм од него.
Канје Вест изјави дека Ким Кардашијан не му дозволила да присуствува на роденденската забава на нивната ќерка Чикаго, но и дека воопшто не му дозволува да си ги види децата, откако раперот купи куќа речиси веднаш до нејзината.
Канје најпрво го изрази својот револт за ситуацијата во интервју за People:
„Ништо нема да ме држи понастрана од моите деца. Сите треба да го знаат тоа. Не си играј со мене. Не си играј со моите деца. Никакво обезбедување нема да застане помеѓу мене и моите деца и не можеш да ме манипулираш“.
Раперот вели и дека неговите деца му се единствената надеж, и само сакал да може да ги гледа, па затоа ја купил куќата веднаш до онаа на Ким.
Веднаш по интервјуто се огласија адвокатите на Ким, тврдејќи дека она што го зборува раперот не е вистина, како и дека приоритет среде разводот е децата да останат блиски и со двајцата родители.
Набрзо потоа, Канје сподели видео во коешто тврди дека Ким не сакала да му каже каде ќе се одржува роденденската забава на нивната ќерка Чикаго (4), наводно бидејќи не сакала тој да присуствува.
„Само сакам јавно да ѝ посакам среќен роденден на ќерка ми. Не ми кажуваат каде е нејзината забава. Овие игри имаат најголемо влијание врз моето здравје и јас повеќе нема да ги играм. Оваа година јас ја преземам контролата“.
Потоа раперот вели дека многу татковци се во слична положба како него и нивниот глас не е слушнат. Суптилно, тој ја обвинува Ким, но и нејзината мајка Крис Џенер дека сакаат да го манипулираат за да не си ги гледа децата.
„Го објавувам ова онлајн бидејќи ми треба вашата поддршка. Ѝ се јавив на Ким, им пишував пораки на дадилките, се слушнав со Тристан, а тој рече ќе ја праша Клои. Никој не сака да ми ја каже адресата за роденденската забава на ќерка ми и таа ќе запомни дека јас не сум бил таму за неа“.
Откако видеото на Канје се прослави, извори за Page Six потврдија дека раперот на крај сепак ја добил адресата, а набрзо потоа се појавија и фотки од забавата на којашто присуствува и тој.
Но, портпаролите на Ким тврдат дека биле организирани две посебни забави за малата Чикаго, и тоа бидејќи Канје инсистирал на тоа.
„Канје требаше да ја види Чикаго. Тој и Ким се согласија да направат две одделни прослави, а тоа беше негова идеја. Ким беше шокирана што тој јавно ја обвини кога негова беше идејата за две одвоени прослави.
Прво требаше Ким да прослави со Чикаго, а потоа Канје. Никој не го спречуваше да дојде“.
Како целата драма да не е доволна, во негова нова песна, Канје се заканува дека ќе го претепа Пит Дејвидсон – сегашното момче на Ким Кардашијан. Во песната раперот повторно ја обвинува Ким дека не му дозволува да ги гледа децата.
Во меѓувреме, Канје направи и инцидент кој дополнително ја тера јавноста да мисли дека тој не е во ред.
Во Лос Анџелес, Канје со бокс удрил фан кој му барал автограм, а онлајн се појави и видео снимено веднаш по инцидентот.
На видеото се слуша како Канје ѝ вика на жена да се тргне од него додека таа се обидува да го смири, а фанот лежи на земјата и се држи за глава.
Според очевидците, Канје двапати го удрил мажот – во главата и во вратот – по што тој паднал и си ја удрил главата од тротоарот. Пред инцидентот, Канје им рекол на групата луѓе околу него да не го фотографираат.
На крај, Канје призна дека го удрил мажот, но вели дека тој не бил фан, туку човек кој собирал автограми за подоцна да ги продава.
„Беше 3 наутро. Излегував од студиото. И, ова момче се однесуваше навистина некултурно. Тој е ист како папараците, не е фан.
Тој е само некој што ја користи мојата слава, некој кој веројатно нема слушнато ниту една моја песна. Па, се пресметав со мажот кој сакаше да заработува од моите автограми“.
Прочитајте повеќе: Призна дека ја изневерил, а љубомори за новиот дечко – Состојбата на Канје се влошува додека Ким се забавува со Пит Дејвидсон
Спирова С. | Црнобело