Ја изневерувал со слугинката, а 15 години го криел вонбрачниот син – Шварценегер се разведе од внуката на Кенеди
- Детали
- среда, 29 декември 2021
По 25 години заеднички живот Марија Шривер го остави Арнолд Шварценегер откако тој јавно призна дека имал афера со слугинката и добил вонбрачен син. Факти за љубовната врска меѓу Арнолд Шварценегер и внуката на Кенеди.
По десетгодишна судска борба актерот и поранешен гувернер на Калифорнија Арнолд Шварценегер (74) се разведе од сопругата Марија Шривер (66).
Според пишувањата во странските медиуми, поранешните брачни партнери околу 10 години не можеле да постигнат договор за распределбата на имотот, а сега било решено нивното богатство вредно 400 милиони долари да се подели на половина.
Шварценегер важи за еден од најплатените холивудски актери со хонорари вредни стотици милиони долари. Марија Шривер, пак освен што е позната како сопруга на актерот, таа е новинар и автор, а нејзиното богатство се проценува на 200 милиони долари.
Шварценегер се оженил со Шривер во 1986-та година, а притоа немале потпишано предбрачен договор.
Во продолжение неколку интересни факти за нив и за нивната врска:
Марија Шривер и Арнолд Шварценегер се запознале во 1977-мата година на забава кога актерот сè уште не бил познат и за првпат победил на изборот за Мистер Универзум. Марија тогаш само што ги завршила студиите за новинарство и почнувала да ја гради сопствената кариера.
Шварценегер во тој период живеел во Холивуд, а Марија ја градела својата кариера во CBS network во Њујорк, но тоа не ги спречило да имаат долгогодишна врска на далечина.
Марија Шривер е ќерка на Јунис Кенеди, сестрата на претседателот на САД Џон Кенеди. Па на свадбата со Шварценегер во 1986-та година, најстарата ќерка на Џон и Џеки Кенеди, Каролин Кенеди била старосватица.
Парот Шварценегер–Шривер во својот брак добиле 4 деца: Кетрин (32), Кристина (30), Патрик (28) и Кристофер (24).
Нивниот брак почна да се распаѓа во 2011-та година кога Шварценегер јавно призна дека ја изневерувал својата сопруга со слугинката Милдерд Баена (60) со која го добил синот Џозеф Баена.
До 2011-та година сите верувале дека Џозеф е син на сопругот на Милдред Роџелио Баена, но поради огромната физичка сличност помеѓу Арнолд и момчето, Марија почнала да се сомнева дека тој е син на нејзиниот сопруг.
Арнолд јавно призна дека е татко на детето за новинар на NBC News, по што Марија и јавно побара развод, но десет години не можеле да постигнат договор како да го поделат заеднички стекнатото богатство вредно 400 милиони долари.
Б. С. Б. | Црнобело