Морничави искуства на славните со луѓе што ги демнеле – маж мјаукал пред влезната врата на Кира Најтли
- Детали
- понеделник, 25 април 2022
Додека повеќето славни биле избезумени кога имале средба со нивните демначи, Роберт Патинсон излегол на вечера со девојката што секојдневно била пред неговиот стан, почнал да ѝ се жали, па таа не се вратила повеќе.
Познатите личности имаат огромен број фанови од кои дел можат да бидат опседнати со нив и да почнат да ги демнат.
Речиси и да нема позната личност која не забележала демнач пред нејзиниот дом и токму поради ова сите ѕвезди имаат огромно обезбедување.
Но, некогаш ова обезбедување не е доволно, па овие демначи успеваат и да влезат во домовите на славните.
Морничавите искуства на славните со нивните демначи:
Кира Најтли
Познатата актерка имала неколку застрашувачки ситуации со нејзиниот демнач Марк Ревил.
Мажот редовно одел пред куќата на Кира и на улицата со креда цртал стрелки кои покажувале кон влезната врата. Истовремено, неколкупати се случило да застане пред вратата и да мјаука, а еднаш ѝ оставил и УСБ со порака „Слушај ја мојата музика“.
Инцидентите се случувале во 2016-та, а следната година Марк беше уапсен и однесен во психијатриска установа.
„Откако го слушнав мјаукањето и го пријавив во полиција, со сопругот почнавме да бараме нов дом“, изјави актерката кратко пред апсењето на демначот.
Џастин Бибер
Наводно, пред домот на Џастин редовно има толпа фанови кои се надеваат дека ќе го видат, а пејачот често ги критикува за ова.
Но, дефинитивно ништо не се споредува со морничав настан од 2013 година. Тогаш 45-годишен маж не само што го демнел, туку сакал да го кастрира и убие пејачот.
По негова наредба, двајца мажи планирале да влезат во домот на пејачот и да го направат токму тоа. За среќа, биле фатени навреме и пејачот избегнал навистина трауматичен настан.
По апсењето, мажот се огласи изјавувајќи:
„Сакав да го направам тоа само за луѓето да сфатат кој сум јас. Сакав да го направам тоа бидејќи Џастин се промени, а тоа ме разгневи“.
Кендал Џенер
Во 2017 година Кендал прозборе за непријатното искуство со еден демнач. Наводно, мажот успеал да влезе во нејзиниот двор додека таа уште била во автомобилот и почнал да ѝ тропа на прозорецот.
„Го исклучив автомобилот и само што сакав да излезам, тој стоеше таму. Ми рече ’Треба да зборувам со тебе‘, а јас му реков ’Не, треба да си одиш‘. Со плачење, веднаш ѝ се јавив на една пријателка додека мажот стоеше и тропаше на прозорецот и ми викаше“.
Роберт Патинсон
Искуството на Роберт Патинсон не е трауматично како повеќето на листата, но актерот нашол одличен начин да се ослободи од девојката што го демнела.
Имено, тој бил во Шпанија каде што снимал филм, а една девојка секој ден стоела пред станот во којшто отседнувал.
„Бидејќи бев осамен и ми беше досадно, отидов на вечера со неа. Цела вечер ѝ се жалев за буквално сè во мојот живот, па девојката повеќе не се врати“.
Линдзи Лохан
Во 2011 година Линдзи се огласи на Твитер откако забележала дека некој маж ја демне неколку денови по ред.
„Овој маж се заканува дека ќе ме убие. Навистина сум исплашена“.
Тој период никој не ја потврдуваше приказната на Линдзи, но наводно мажот продолжил да ја демне сè до 2014-та кога беше уапсен.
Ситуацијата ескалирала кога мажот почнал да ја вознемирува Линдзи заедно со уште неколку нејзини колеги со кои работела на театарска претстава.
Наводно, мажот изјавил дека тој и Линдзи секојдневно си пишувале, но и дека биле во брак.
Сандра Булок
Во 2014 година, додека била сама дома, во куќата на Сандра Булок влегол непознат маж. Актерката веднаш истрчала во гардероберот од каде што успеала да викне полиција. Целата ситуација се случила во 4 часот наутро.
Тогаш 39-годишниот маж неколку денови ја набљудувал куќата на актерката пред да влезе внатре. Четири години подоцна, мажот извршил самоубиство.
Спирова С. | Црнобело