Актерите од Friends се простуваат со колегата Џејмс Мајкл Тејлор, кој почина по долгогодишна борба со рак
- Детали
- понеделник, 25 октомври 2021
Актерите од ТВ серијата Friends, се простуваат со Џејмс Мајкл Тејлор, познат по улогата на Гантер, кој почина на возраст од 59 години, по долгогодишна борба со рак.
Актерот беше познат по улогата на Гантер, човекот што платонски беше вљубен во Рејчел (Џенифер Анистон) во сите десет сезони од серијата.
Актерот почина во неговиот дом во Лос Анџелес, а неговото семејство излезе со изјава во која пишува:
„Светот го знаеше како Гантер (седмиот ’пријател‘), од хит-серијата Friends, но за блиските луѓе тој беше актер, музичар, сопруг и гласноговорник во борбата против ракот.
Мајкл сакаше музика во живо, да навива за Клемсон Тајгерс и често се наоѓаше себеси во непланирани авантури. Ако сте го сретнале еднаш, сте стекнале пријател за цел живот.“
На актерот за првпат му бил дијагностициран рак во 2018-та година, но дијагнозата ја чувал во тајност 3 години.
Оваа година во јуни тој за првпат јавно проговори дека се бори со злокобната болест, при што нагласи дека ракот најпрво се појавил на простатата, а потоа се проширил и на коските.
Колегите од популарната ТВ серија Friends, на Инстаграм се простуваат со него.
Џенифер Анистон објави кратко видео и фотографија до кои напиша:
„Серијата Friends немаше да биде иста без тебе. Ти благодарам за смеата што ја донесе во шоуто, но и во нашите животи. Премногу ќе ни недостасуваш.“
Кортни Кокс исто така објави фотографија од Мајкл на нејзиниот Инстаграм профил до која напиша:
„Со себе носеше огромна благодарност и ја покажуваше на секој сет. Благодарна сум што имав можност да те познавам. Почивај во мир.“
Со објава на Инстаграм се простија и Мет Лебланк, познат по улогата на Џои и Лиза Кудроу позната по улогата на Фиби:
Б. С. Б. | Црнобело