„Лажирав симптоми за да ми дадат седативи, бев зависна“ – Трагичната приказна на тинејџерската ѕвезда Аманда Бајнс
- Детали
- среда, 29 септември 2021
Многу судири со законот, зависности, депресија, биполарно нарушување, легално старателство - животот на Аманда Бајнс тргна во погрешна насока откако актерката го „освои“ Холивуд уште во тинејџерските години.
Во 2000-тите, Аманда Бајнс беше најголемата тинејџерска ѕвезда и сите ѝ предвидуваа блескава кариера.
Уште пред да наполни 18 години, актерката имаше освоено бројни филмски награди, имаше свое шоу и беше дел од некои од најпопуларните филмски проекти од тој период.
Но, притисокот од јавноста и проблемите со менталното здравје си го зедоа својот данок – по многуте проблеми со законот и зависностите, родителите на Аманда добија легално старателство над нивната ќерка, односно тие имаат контрола над нејзиниот живот со надеж дека ќе ѝ помогнат.
Па, што точно се случи со оваа тинејџерска ѕвезда?
Аманда е родена во 1986 година, а кариерата ја почна уште во детството, најпрво снимајќи реклами. Набрзо нејзиниот талент беше забележан, па актерката почна да се појавува во телевизиски серии.
Таа си доби и свое телевизиско шоу – The Amanda Show – а јавноста беше вљубена во нејзината насмевка и позитивната енергија што зрачеше од неа.
Аманда се појави во неколку популарни филмови, вклучувајќи ги Hairspray, She’s the Man и Easy A.
Самата вели дека изведбата во последниот филм, Easy A, ја натерала да се откаже од актерската кариера. Наводно, таа била потполно разочарана од себе и била убедена дека повеќе не смее да се појави на филм.
Само две години подоцна, во 2012-та, почнуваат проблемите на Аманда и нејзините судири со законот.
Во период од само 2-3 години, Аманда беше уапсена за поседување дрога, неколку сообраќајни несреќи кои ги предизвикала самата и возење без возачка дозвола.
Овој период Аманда почна да ги загрижува фановите и со нејзините твитови, кои неретко беа полни омраза кон ѕвезди како Ријана и Дрејк.
Во повеќето случаи, Аманда ги бришеше твитовите – нешто што ја натера јавноста да помисли дека актерката има сериозни проблеми со менталното здравје.
Аманда дури и го обвини татко ѝ дека ја злоупотребувал во детството, за потоа да го избрише твитот со објаснување дека татко ѝ „не направил ништо, но го обвинила бидејќи ѝ ставиле чип во мозокот по негова наредба“.
Актерката самата изјави дека имала проблеми со депресија и дека била зависна од адерал – лек кој најчесто се користи за лекување АДХД.
За да го добие лекот, Аманда призна дека ги лажирала нејзините симптоми кога била на психијатар, а го пиела лекот толку често, што многупати ги заборавала нејзините реплики додека снимала сцени.
Во 2013 година, на 27-годишна возраст, актерката беше фатена како подметнува пожар во Калифорнија во соседството каде што пораснала. По ова, Аманда беше затворена во ментална установа каде што се утврдило дека има биполарно нарушување.
Токму тогаш нејзините родители првпат се обиделе да добијат легално старателство над неа, со надеж дека ќе ѝ помогнат, но безуспешно. По вториот обид за легално старателство во 2014-та, тие успеаја, но судот одредил ова да биде само привремено.