„Немаат допир со реалноста!“ – Кајли Џенер и Тревис Скот ја изненадиле ќерка им со школски автобус, јавноста ги критикува (фото)
- Детали
- четврток, 26 август 2021
Кајли Џенер и Тревис Скот се остро критикувани од јавноста, откако младата богаташка сподели дека ќерка им Сторми отсекогаш сакала да се вози во школски автобус, па татко ѝ ја изненадил и ѝ донел. Во меѓувреме, гласините за втората бременост на Кајли не стивнуваат, а дури и извори блиски до семејството тврдат дека се точни.
Кајли Џенер уште еднаш докажа дека нема допир со реалноста, овојпат со бизарен подарок за ќерката Сторми. На Инстаграм, Кајли сподели дека ќерка ѝ отсекогаш сакала да се вози во школски автобус, па татко ѝ Тревис решил да ја изненади.
„Сторми зборува само за возење во голем жолт автобус. Тато ја изненади“, напишала 24-годишната Кајли.
Кајли сподели фотки на Инстаграм Стори на кои се гледа како Сторми го истражува школскиот автобус. Не е познато дали Тревис го изнајмил или го купил автобусот, но гестот веднаш предизвика лавина негативни реакции на социјалните мрежи.
Повеќето велат дека огромна иронија е што желбата на Сторми била да го искуси животот на средната класа.
„Богатите се толку далеку од реалноста, ѝ купиле школски автобус на Сторми за да може да си седи внатре“.
„Сторми е толку богата, што татко ѝ ја изненадил со жолт школски автобус за да може да се преправа дека е дел од средната класа на еден ден“.
„Кајли и Тревис ѝ купија школски автобус на Сторми бидејќи сè што сака таа е да биде нормално дете и да се вози во најдистопиското, најдепресивното нешто што сум го видел“.
Иако Кајли и Тревис уште ја немаат потврдено веста, извори блиски до парот изјавија дека тие го очекуваат нивното второ дете. Според изворите, парот се обидувал со месеци, најмногу бидејќи Кајли сакала Сторми и нејзиниот брат или сестра да бидат на приближно иста возраст.
„Кајли сака нејзините деца да бидат приближно иста возраст бидејќи таа е многу блиска со Кендал, па го посакува истото за Сторми“.
Всушност, неколку извори ја потврдиле веста за PageSix и наводно целото семејство било пресреќно за новостите. Кајли, пак, неколкупати има изјавено дека сака да биде млада мајка и да има повеќе деца.
„Отсекогаш сум сакала да бидам млада мајка. Се сеќавам дека луѓето ме прашуваа дали сум подготвена за тоа, но знаев дека сум. Ја родив Сторми млада, но убедена сум дека сум создадена за ова, а таа ми го промени животот на подобро“.
Кајли ја криеше првата бременост, па некои фанови веруваат дека исто ќе биде и овојпат.
Кајли и Тревис се разделија во 2019 година и иако немаат потврдено ништо, веројатно повторно се заедно, особено кога ќе се земат предвид гласините за второто дете.
Спирова С. | Црнобело