Каде се и што прават денес членовите на бендот „Blue“, кои беа слабост на тинејџерките?
- Детали
- недела, 30 јануари 2022
Тројца од членовите на бендот „Blue“ денес се посветени на семејството и на децата. Еден од нив ја продолжи кариерата во мјузикли и во кабаре.
Во почетокот на 2000-тите еден од најпознатите поп бендови беше британскиот бенд Blue. Во исто време кога на сцената беа мошне популарни бендовите како Atomic Kitten и Steps, Ентони Коста, Данкан Џејмс, Ли Рајан и Симон Вебе ги кршеа женските срца.
Во периодот од 2000 до 2003 година Blue издадоа три албуми All Rise (2001), One Love (2002) и Gulty (2003). Во 2004-тата најавија дека ќе направат пауза, а во 2011-тата повторно се обединија и го претставија Обединетото Кралство на изборот за песна на Евровизија во Дизелдорф. Нивната песна I Can таа година го освои 11-тото место.
Сега, повеќе од 10 години подоцна каде се и што прават членовите на популарниот бенд:
Ли Рајан
Во времето кога Blue беа мошне популарни, Ли се сметаше за фронтмен на групата и секако беше најпопуларен кај девојчињата. По распаѓањето на бендот, тој се обиде со соло кариера, потоа се обиде да изгради и актерска кариера, а беше дел и од шоуто „Големиот брат“.
По распаѓањето на бендот и по разделбата со тогашната долгогодишна девојка Семи Милер, Ли се свртел кон алкохолот.
Денес, Ли живее во Шпанија со девојката Верити Парис која неодамна се породи со нивното прво дете. Неговата девојка е имититатор на Аријана Гранде. Освен ќерката со Верити, Ли има уште две деца од други врски.
Тој до неодамна беше достапен на социјалните мрежи каде објавуваше фотографии од неговиот моментален живот, но одлучи да го избрише својот профил на Инстаграм.
Ентони Коста
Ли Рајан, Ентони Коста и Вил Јанг биле дел од претходен проект што се појавувал на аудиции со Симон Коуел, но откако не успеале со тој проект, решиле да се обидат сами да го изодат патот до славата.
Иако не беше меѓу најпрепознатливите членови во групата, Ентони е еден од основачите на бендот.
Она што е забележително за него е дека низ годините тој водел битка со килограмите, па можеби кај него се забележува и најдрастична промена во изгледот.
Тој е заедно со неговата партнерка Росана Џазмин од 2012-тата година. Како што може да се види и на објавите на Инстаграм, тој е посветен татко на ќерките Савана и Палома.
Данкан Џејмс
Освен по Ли, девојките лудуваа и по Данкан. Тој беше карактеристичен и по тоа што објавуваше низа фотосесии во списанијата.
Неговите постери беа задолжителни за тинејџерките од тоа време.
По падот на групата, Данкан во интервју изјави дека е бисексуалец, по што кратко време се гледаше и со Гери Халивел од Spce Girls, а три години подоцна изјави дека е хомосексуалец.
Данкан се врати на музичката сцена со неговиот соло сингл Sooner or Later.
По ова, тој учествуваше во мјузиклот Chicago од 2007-мата година, а потоа ја доби и главната улога во мјузиклот Legally Blonde.
Во моментов е постојан член на лондонскиот клуб Proud Cabaret, каде работеше заедно со Дениз Ван Оутен. Освен тоа, се појавувал и во поголем број реални шоуа.
Сајмон Вебе
Последниот член што се приклучил на бендот бил Сајмон Вебе, кој претходно бил пријател на Ли. Сајмон изјавил дека Ли му го „спасил животот“ со тоа што му дал соба за престој во неговата зграда, а подоцна му помогнал и да изгради кариера.
По распаѓањето на бендот Сајмон исто така објави негов соло материјал. Освен тоа, за разлика од неговите колеги од бендот, тој успеа да објави и два соло албуми.
Беше дел од повеќе реални шоуа. Годинава, во април за првпат стана татко. Тој и неговата сопруга Ајшен станаа родители на ќерка.
Б. С. Б. | Црнобело