Амбер Херд доби ќерка од сурогат мајка среде скандали со Џони Деп – ѝ бара $50 милиони за нарушен углед
- Детали
- петок, 02 јули 2021
Среде судската битка со Џони Деп и петицијата на јавноста чија цел е да биде избркана од новиот филм Aquamаn, Амбер Херд го доби првото дете со сурогат мајка.
Со фотографија на Инстаграм, 35-годишната Амбер Херд им соопшти на фановите дека го добила првото дете, ќерката Уна Пејџ, со помош на сурогат мајка.
Актерката вели дека е превозбудена и дека првпат посакала да стане мајка пред четири години. Истовремено, Амбер се надева дека наскоро ќе стане норма жените да имаат деца, без разлика на тоа што не се во брак.
„Мојата ќерка се роди на 8-ми април 2021. Нејзиното име е Уна Пејџ Херд. Таа е почетокот на остатокот од мојот живот“, пишува во нејзината објава.
Наводно, Амбер се одлучила за сурогат мајка бидејќи самата не можела да има деца, а според извори блиски до актерката, ова била нејзината најголема желба.
„Уна е прекрасна и Амбер е пресреќна. Отсекогаш знаеше дека сака да биде мајка и со ова ѝ се исполни најголемата желба. Многу ѝ е благодарна на прекрасната жена којашто ѝ помогна да ја донесе Уна во нејзиниот живот“, вели изворот за Pagе Six.
Моментално Амбер е во врска со кинематограферката Бјанка Бути, и тоа од јануари минатата година. Сепак, одлучила Уна да биде само нејзино дете, па легално, само Амбер ѝ е мајка.
Истовремено, Амбер уште води судска битка со бившиот Џони Деп, за кого судот одреди дека бил виновен. Амбер тврдеше дека актерот ја нападнал најмалку 10 пати, а ѝ го загрозил животот трипати додека беа заедно.
Судиите утврдиле дека сведочењата на Амбер се точни, но адвокатите на Џони Деп сметаат дека актерот не добил фер судење.
Од друга страна, Џони Деп ја тужи Амбер за оцрнување на неговото име. Амбер Херд напиша цел есеј за домашно насилство за Washington Post, поради што актерот беше обележан од медиумите и од јавноста како насилник и „тепач на жени“. Ова судење беше одложено неодамна, за април следната година.
Во меѓувреме огромен број фанови го поддржуваат Џони Деп и сметаат дека не е праведно што тој изгуби две големи улоги поради Амбер – во франшизата Fantastic Beasts, како и во серијалот Pirates of the Caribbean.
Франшизата Fantastic Beasts е на Warner Bros. – исто како и филмот Aquamаn во кој Амбер ја има една од главните улоги. Поради ова, фановите сметаат дека воопшто не е фер што Џони беше избркан од продукциската куќа, а не и Амбер, без разлика што постојат докази дека и таа била насилна во бракот.
Неодамна режисерот Џејм Ван соопшти дека веќе почнало снимањето за Aquaman 2, а фановите почнаа петиција со цел да ја избркаат Амбер од филмот. Петицијата веќе е вирална на Твитер, со хаштагот #JusticeForJohnnyDepp (правда за Џони Деп), а огромен број фанови го покажуваат нивниот револт:
„Џони Деп беше тргнат од неговите идни проекти, но Амбер уште го има главниот лик во Aquaman. Warner Bros., немојте да правите поделби и барем почитувајте го актерот за неговите способности“.
„Реалноста на денешниот свет, каде што жената секогаш е невина сè додека не се докаже спротивното, а мажот секогаш е виновен сè додека не се докаже неговата невиност. Правдата не треба да зависи од полот. Тоа е основно човечко право што го заслужува секој“.
„Ве молам немојте да го правите овој филм со Амбер Херд и ајде да се избориме за правдата не само на Џони Деп, туку на сите, без разлика на нивниот пол, кои биле жртви на семејно насилство“.
Досега петицијата има собрано над 1,8 милиони потписи.
Џони Деп и Амбер Херд се запознаа во 2011 година, а ја почнаа врската следната година. Стапија во брак во 2015-та, но во 2016-та Амбер поднесе барање за развод, кој беше финализиран во 2017 година.
Најпрво актерката почна да го обвинува Џони дека ја малтретирал, а еднаш дури и објави фотографии на кои има модринки на лицето кои наводно ѝ ги направил Џони.
Но според некои сведоци, Амбер немала ниту една модринка на лицето следниот ден откако ги објави фотографиите. Многумина сметаат дека не само што си ги направила модринките со шминка, туку и дека таа била насилната во бракот.
Токму поради ова јавноста е гневна и смета дека не е воопшто праведно Џони да биде обележан како насилник, додека Амбер се смета за жртва, без разлика на доказите што го покажуваат спротивното.
Адвокатите на Деп тврдат дека актерот не добил фер сослушување и дека Амбер е сведок на којшто не може да му се верува. Тие нагласуваат и дека обвиненијата на Амбер само ја уништија репутацијата на актерот и тој заслужува фер судење.
Како што напоменавме, следното судење е одложено за следната година, а Деп бара 50 милиони долари од Амбер за штетата што му ја нанела.
Погледнете и Таа извршила нужда во кревет, тој со урина го испишал нејзиното име на ѕид - Најбизарните моменти од бракот на Џони Деп и Амбер Херд
Спирова С. | Црнобело