Ким Кардашијан непријатно изненадена од новата љубов на Канје + открива зошто реши да се разведе од него
- Детали
- петок, 11 јуни 2021
Во последната епизода од реалното шоу на Кардашијанс, Ким отворено зборува за осаменоста во бракот со Канје, но иако сметала дека разводот е најдобрата одлука за нив двајцата, извори откриваат дека е многу повредена што Канје најде нова љубов – супермоделот Ирина Шајк.
Ким и Канје се разделија пред неколку месеци, но и двајцата молчеа за целата ситуација, а причината е тоа што нивниот развод е главна тема во последната епизода од ријалити шоуто на кланот Кардашијан-Џенер. Па сега, откако беше емитувана, конечно дознаваме зошто Ким ја донела оваа одлука.
40-годишната ријалити ѕвезда вели дека нејзиниот брак бил проколнат бидејќи таа барала апсолутна среќа. Во епизодата која е снимена во октомври минатата година, Ким открива дека била на психијатар и тогаш сфатила дека е во несреќен брак.
„Сакам апсолутна среќа. Очигледно, знам дека тоа не е реалност, но ако можам да се чувствувам така во поголемиот дел од времето, тоа е сè што сакам. Каде и да ме одведе тоа, јас само ја сакам мојата чиста среќа. Па работам на тоа, како да стигнам дотаму.
Чувствувам дека работев многу напорно за да постигнам сè што сакам и ги исполнив моите очекувања 10 пати повеќе, но немам со кого да го споделам тоа“.
Наводно, Ким се чувствувала многу осамено откако Канје се пресели на ранчот во Вајоминг, а таа остана во Калифорнија.
„Никогаш не помислив дека сум осамена, мислев дека тоа е сосема во ред. Ги имам моите деца, сопругот се сели од едно место на друго, а јас сум со него и тоа е во ред. Но кога наполнив 40 годинава, сфатив дека не сакам сопруг кој живее во друга држава. Си помислив ’Боже, во тие мигови се согласуваме најдобро‘. Тоа ми беше тажно и не беше она што го сакам. Сакам некој со кого ќе сакаме исти серии, сакам некој со кого можам да вежбам“.
Ријалити ѕвездата вели дека иако е благодарна за нејзиниот раскошен живот, ѝ недостасуваат малите нешта што го прават животот подобар и сега сака да се фокусира на тоа.
„Изморена сум од тоа, но сега знам дека ќе бидам среќна. Не стигнав дотука за да не бидам среќна“.
Прочитајте повеќе: „Ова ми е трет брак!“ – Ким Кардашијан низ солзи открива дека се чувствува како губитник заради разводот со Канје
Но иако Ким беше таа која поднесе барање за развод, извори блиски до неа откриваат дека воопшто не е среќна поради новата љубов на Канје.
Раперот го прослави 44-иот роденден во Франција со моделот Ирина Шајк, а Ким била повредена од ова.
„Ким беше непријатно изненадена. Токму во Франција таа и Канје првпат беа заедно, кога тој испрати приватен авион за таа да може да ја гледа неговата модна ревија во Париз. Ирина излезе од истиот авион пред некој ден. Сите сметаат дека ова е напад кон Ким – Франција беше посебно место за неа и Канје. Овде тие се вљубија, првпат се појавија како пар и планираа да се венчаат таму, но се премислија во последен момент“, вели изворот за The Sun.
Изворот открива дека Ким претпоставувала дека Канје ќе сака да го прослави роденденот со нивните четири деца. Но, кога го побарала, тој ѝ кажал дека е зафатен.
„Тоа ја повреди бидејќи сега таа знае дека беше на одмор со Ирина. Комплицирано е – Ким е таа што му стави крај на бракот и мислам дека чекаше тој да почне да се гледа со други, за да може и таа да го прави истото. Но тоа што ја однесе Ирина, жена за која е заинтересиран подолго време, на нивното ’посебно место‘, дефинитивно ја повреди“.
Пред да се потврдат гласините за Канје и Ирина, Ким му го честиташе роденденот на раперот со Инстаграм објава во која вели дека секогаш ќе го сака, а изворот вели дека сега сигурно „ќе се чувствува глупаво“.
Погледнете и Ким Кардашијан и Ирина Шајк со ист вкус за мажи – двете „паднаа“ на шармот на Канје, но и на Кристијано Роналдо
Спирова С. | Црнобело