Кејт Винслет: „Не сакам да ми го намалуваат стомакот во секс сцените, но време е да престанам да снимам гола“
- Детали
- среда, 02 јуни 2021
Кејт Винслет деновиве е актуелна и со улогата во ТВ серијата Mare Of Easttown што ја врати во миговите кога уживаше најголема слава. Актерката искрено говори за тоа како се чувствува кога нејзините снимки и фотографии биле обработувани, но и за тоа како се чувствува кога треба да снима разголени сцени.
Речиси сите ја помниме славната актерка по улогата на Роуз во филмот „Титаник“. Сите се сеќаваме на жешката сцена во „Титаник“ каде таа му позираше гола на младиот Џек (Леонардо Ди Каприо), но во најновото интервју за New York Times таа открива дека најверојатно деновите во кои ќе се појавува гола на филмското платно се „избројани“.
Винслет (45) во интервјуто говореше за нејзината улога во Mare Of Easttown, при што откри повеќе детали за тоа како се чувствувала додека ја толкувала улогата на средовечната Меир.
„Во првата епизода таа има секс на каучот. Му реков на сопругот: ’Дали се сложувам со ова? Дали е во ред да играм средовечна жена што е баба и што има навика да има средби за една ноќ?‘“ – се присетува актерката на тоа како изгледале почетоците на улогата што повторно, како што вели, ја вратила во времето на „Титаник“ кога луѓето ја препознавале на улица.
Сепак, ако се следи интервјуто, јасно може да се забележат и ставовите на актерката во однос на уредувањето на фотографиите и снимките, како и за тоа каков е нејзиниот став за манипулацијата на фотографиите од женското тело. Таа откри повеќе детали и за тоа како во еден миг имала конфликт со режисерот затоа што се обидувале да ѝ скријат дел од стомакот.
Кога режисерот Крејг Зобел почнал да ја убедува дека може да „го отсечат подуениот дел од нејзиниот стомак“ во секс сцената со Гај Пирс таа му рекла: „Да не си се осмелил!“ Освен тоа, открива дека двапати го враќала промотивниот постер на шоуто затоа што бил премногу обработен.
„Ми велеа: ’Кејт, навистина, не можеш‘. Јас им велев: ’Знам колку брчки имам до окото, ве молам да ги вратите‘“.
Сепак, ѕвездата што досега немаше проблем да снима разголени сцени во повеќе филмови, вели дека не се чувствува комотно да снима такви сцени повеќе.
„Мислам дека ми се изброени деновите за снимање разголени сцени. Едноставно повеќе не се чувствувам удобно да снимам такви сцени. Во основа не се во прашање годините. Доаѓа момент кога луѓето ќе почнат да велат: ’А, еве ја пак’ …“ – вели актерката која наскоро ќе го прослави својот 46 ти роденден.
Инаку, серијата Mare of Easttown е ограничена ТВ серија што ќе се натпреварува за наградата Emmy годинава, во категоријата Limited Series. Во неа ја следиме приказната на детективката Меир Шиан, локална детективка што го истражува убиството на една млада девојка.
Б. С. Б. | Црнобело