„Не го поднесува нејзиното семејство“ – дали на бракот на Ким Кардашијан и Канје Вест сепак му се ближи крајот?
- Детали
- среда, 06 јануари 2021
Според гласините, после шест години и четири деца, на бракот на Ким Кардашијан и Канје Вест му се ближи крајот.
Светските медиуми пренесуваат дека Ким се подготвува да поднесе барање за развод од Канје, додека на раперот му било „преку глава“ од кланот Кардашијан-Џенер. Изминатава година не беше најдобра за славниот пар, а еден период Канје и отворено зборуваше на Твитер дека сака развод. Ова се случуваше додека раперот имаше сериозни проблеми со менталното здравје.
Наводно, Ким и Канје веќе разговарале за развод и за тоа како ќе го поделат богатството, откако цела година живееле одвоено.
„Не сакаат да споделуваат многу информации, но нивниот брак е завршен“, тврди извор близок до парот.
Ким го дала најдоброто од себе за да го заштити Канје и да му помогне во битката со биполарното нарушување, но веќе не можела да го прави тоа.
„Таа сериозно сака да стане адвокат, додека Канје зборува за тоа дека ќе стане претседател и кажува други луди работи, па на Ким ѝ е доста од сето тоа“.
Други извори тврдат дека не само Ким, туку и Канје едвај чека да се разделат.
„Повеќе не може да го поднесува нејзиното семејство. Не сака да има ништо со нив“, споделува изворот.
Според објавите на Ким на социјалните мрежи, се чини дека Канје не бил присутен на ниту еден важен настан за семејството изминативе неколку месеци. Дури и кога Ким го прославуваше роденденот на Тахити во октомври, Канје отишол на само еден ден – ѝ го дал подарокот на Ким и си заминал што е можно побрзо. Ким, пак, веќе некое време не го носи нејзиниот веренички прстен.
Наводно, Ким и Канје посетувале брачен советник и извесно време го гледале разводот како опција, но други извори тврдат дека уште не ја донеле конечната одлука. Тие живееле одвоено речиси цела година, а на почетокот на декември имале огромна караница после која не успеале да најдат заеднички јазик.
Парот се нема појавено заедно во јавност од октомври, а фановите веќе забележаа дека Канје не е присутен на ниту една празнична фотографија на Ким од последниве недела-две. Раперот „исчезна“ и од социјалните мрежи и нема објавено скоро ништо од ноември, а оттогаш е забележан само неколкупати во јавност, и тоа без Ким.
Ако на крај сепак се разведат, тие ќе треба да одлучат кој ќе ја добие вилата во Калифорнија што ја купија и реновираа заедно. Изворите тврдат дека Ким ја сака куќата за неа, бидејќи тоа е домот на нивните деца.
Канје има биполарно нарушување и минатата година имаше неколку испади предизвикани од тоа. Тогаш Ким застана на негова страна и се обиде да ѝ објасни на јавноста што точно се случува:
„Оние кои ги разбираат менталните нарушувања или компулсивното однесување знаат дека семејството е немоќно. Тој е брилијантна, но комплицирана личност, која покрај притисокот од тоа што е артист и маж со темна кожа, ја искуси и болната загуба на неговата мајка, а треба да се справува и со притисокот и изолацијата кои се нагласени со неговото биполарно нарушување.
Живеењето со биполарно нарушување нема влијание врз неговите соништа и неговите креативни идеи, без разлика колку големи им изгледаат на другите. Тоа е дел од неговата генијалност и, како што сите сме сведочеле, многу од неговите големи соништа се остваруваат“, изјави Ким.
Во периодот кога состојбата на Канје беше видно влошена, раперот кажа многу невкусни работи. Најпрво изјави дека тој и Ким размислувале да ја абортираат Норт, потоа ја обвини Ким дека го изневерила, а на крај ја навреди Крис Џенер нарекувајќи ја „Крис Џонг Ун“. Тогаш Канје изјави и дека целото семејство на Ким го присилува да оди во ментална установа.
Ким и Канје првпат се запознаа во 2004-та година, а ја почнаа врската дури во 2012-та. Ким ги потврди гласините дека се заедно во 2012-та и најави дека го очекуваат нивното прво дете. Откако се роди Норт, Канје ја запроси Ким и парот се венча во Италија во 2014-та година.
Спирова С. | Црнобело