Дејвид Бекам како 70-годишен дедо држи говор „во иднината“ – која е неговата цел?
- Детали
- четврток, 03 декември 2020
За кампања против маларијата, Дејвид Бекам покажа како би изгледал на 70-годишна возраст, притоа испраќајќи многу важна порака.
Видеото за кампањата го покажува поранешниот фудбалер како старец кој држи говор „во иднината“ и изјавува дека сме ја уништиле маларијата, нашиот „најстар и најсмртоносен непријател“.
Потоа видеото се враќа во сегашноста и го гледаме Бекам каков што навистина изгледа, изјавувајќи дека борбата уште не е завршена.
Фудбалерот вели дека на секои две минути умира по едно дете од оваа болест. На крај тој ги замолува сите да му се придружат, па ја цитира пораката на кампањата: „Маларијата мора да умре, за милиони да можат да живеат“.
Кампањата е направена од Malaria No More UK – организација што се обидува да ја искорени болеста, а за соработката со нив, Бекам изјави:
„Работам со оваа организација од 2009, им ги поддржувам кампањите и се обидувам да го истакнам предизвикот со кој се соочуваат. Нивните кампањи секогаш се креативни и иновативни и знаат да го привлечат вниманието кон проблемот. Пресреќен сум што сретнав некои од најинспиративните луѓе кои работат многу напорно за да ја искоренат оваа болест“.
Од организацијата објавија и интерсно видео на кое покажуваат што се случувало зад сцените и како го „остареле“ фудбалерот.
Професионалците кои работеле на видеото обрнале внимание на секој детаљ. На Бекам не само што му ги направиле брадата и косата бели, туку и малку ги избледеле неговите тетоважи – нешто што навистина се случува со текот на времето.
Маларијата е болест која е најприсутна во Африка, каде што годишно убива околу 250.000 млади лица. Според СЗО, оваа болест е можеби најголемиот „убиец“ што постои денес, па затоа многу експерти и организации активно работат на нејзиното истребување.
Спирова С. | Црнобело / Фото извор: Malaria Must Die