„Од истрагата дознав за токсичната околина во шоуто“ – Елен се извини, вработените ја обвинија дека лаже
- Детали
- среда, 23 септември 2020
Елен Деџенерис ја започна 18-тата сезона од нејзиното шоу со извинување, но за повеќето водителката не звучи уверливо и многумина мислат дека ова е само обид да си ја врати гледаноста.
62-годишната водителка почна со снимање во студио после долга пауза, а новата сезона ја започна со 6-минутен монолог во кој се огласува во врска со обвиненијата што ги слушнавме летово.
Многу луѓе кои работеле за Елен или само гостувале во нејзиното шоу, изминатиов период почнаа да раскажуваат за нивното непријатно исксутво со водителката и таа веќе подолг период е мета на критики.
Имено, таа воопшто не била добрата личност што ја гледаме на телевизија, а вработените во шоуто се соочувале со дискриминација, навреди, непочитување...
По долго молчење, сега Елен реши да се извини за сето ова и го искористи почетокот на 18-тата сезона за таа цел. Воглавно, таа зборува за тврдењата на вработените дека тамошната работна средина е токсична.
„Како ви помина летото? Добро? Моето беше одлично. Многу сум среќна што сум назад во студиото. Има многу работи за коишто сакам да зборувам“, го почнува Елен нејзиниот говор.
Поради пандемијата, Елен снимаше со виртуелна публика, во празно студио, а се обиде да го почне говорот со шега – нешто што разгневи многумина.
„Како што можеби слушнавте, летово имаше обвиненија за токсична работна околина во нашето шоу, а потоа имаше истрага. Дознав дека овде се случувале работи што никогаш не требало да се случат.
Го сфаќам ова многу сериозно и сакам да им се извинам на луѓето кои страдале. Знам дека сум на позиција со привилегија и моќ и сфаќам дека со тоа доаѓа одговорност, а јас ја преземам одговорноста за она што се случува на моето шоу“, изјави водителката.
Елен кажа дека биле направени потребните промени и веќе почнало ново поглавје. Таа изјави и дека иако ја обвиниле дека е сосем поразлична личност во реалноста отколку во шоуто, ова не е вистина:
„Јас сум добра актерка, но не сум толку добра за секој ден да доаѓам овде и да ве лажам, цели 17 години. Ова сум јас и мојата намера отсекогаш била да бидам најдобрата личност што можам. Ако некогаш сум разочарала некого, ако сум му ги повредила чувствата, се извинувам“.
Водителката додаде дека сега е шеф на 270 луѓе и дека најважното ѝ е сите од нив да бидат среќни и горди што работат за неа.
„Ова беше ужасно лето за сите луѓе ширум светот. Луѓето ги губат работните места. Луѓето ги губат саканите поради пандемијата. Луѓето ги губат домовите и животите поради пожарите. Ги гледам вестите и си мислам - од каде ли да почнам?“
„Па, добредојдовте во 18-тата сезона од шоуто на Елен. Многу ми е мило што сте овде“, го заврши водителката нејзиниот говор.
Иако Елен навидум ја прифаќа одговорноста за она што се случувало, луѓето кои имале лошо искуство со неа не се воопшто задоволни. Поради шегите во монологот, голем дел од нив се чувствувале како таа да им ги исмејува проблемите.
„Не само што Елен ја претвори мојата траума, нашите трауми, во шега, некако успеа и да се направи жртва“, прокоментирал поранешен вработен.
„Не ми звучи како извинување. Не нагласи за што точно се извинува и се оправда велејќи дека не било намерно. Ова се работи што е треба да ги правиш кога се извинуваш“, напишал еден Twitter корисник.
„Нејзината арогантност е неверојатна. Ќе се извинам, но бидејќи сум Елен можам да се шегувам за тоа? Не можев да го догледам ова ѓубре“.
Се огласиле и неколку сегашни вработени, од кои едниот смета дека извинувањето е неискрен и очаен потег Елен да си ги врати гледачите на шоуто.
Целиот говор можете да го слушнете во продолжение:
Погледнете и Казни, навреди, непочит: Вработените откриваат зошто Елен Деџенерис е „шефица од пеколот“.
Спирова С. | Црнобело