„Ја изгубив во моите 30-ти години, тоа многу ме промени“ – Анџелина Џоли со емотивна објава за Денот на мајката
- Детали
- понеделник, 11 мај 2020
По повод Денот на мајката, Анџелина Џоли ѝ оддаде почит на нејзината мајка која почина во 2007-ма од рак.
Познатата актерка напишала текст за New York Times, во кој зборува за посветеноста и жртвата на мајка ѝ Марселин, но и за инспирацијата што ја добила од мајките бегалки ширум светот.
„Ја изгубив мајка ми во моите 30-ти. Кога помислувам на тој период, можам да видам колку ме промени нејзината смрт.
Не беше ненадејна, но многу работи се променија внатре во мене. Губењето на љубовта и топлата прегратка на мајката е како некој да ви ја одземал заштитата“, напишала Џоли.
Анџелина се присети и на разделбата на нејзините родители и какво влијание имал настанот врз целите на Марселин.
„Кога татко ми имаше афера, ми се промени животот. Тоа ѝ го уништи сонот на мајка ми за семеен живот. Но, таа сепак сакаше да биде мајка.“
Актерката напиша дека на 26-годишна возраст, нејзината мајка имала две деца и славен поранешен сопруг кој фрлал сенка врз неа. Поради ова, морала да се откаже од сонот за актерска кариера.
Кратко по смртта на мајка си, актерката ја истетовира латинската бувка W, која ја симболизира песната Winter, која Марселин ѝ ја пеела додека била бебе.
Најверојатно, во текстот, актерката спомнува нешто и за разделбата со Бред Пит:
„Животот ми приреди многу пресврти. И јас загубив нешто и гледав како животот ми се движи во друга насока. И, боли многу повеќе отколку што замислував.“
Анџелина има посетено многу бегалци ширум целиот свет, па решила да им оддаде почит и на тие жени, кои прават сè за да ги заштитат своите најмили:
„На овој Ден на мајката, помислувам на мајките бегалки кои сум ги сретнала, кои живеат во сиромаштија. Секоја од нив го започнала мајчинството со ветување дека ќе направи сè за да го заштити нејзиното дете. Да го даде својот живот ако е потребно. А, ако е победена или замолчена, малку нешта се потрагични.“
Актерката вели дека волјата на овие жени да преживеат само за своите деца ја натерала да верува дека мајката е најсилната личност на Земјата.
„Нежноста на нејзината кожа лаже. Таа е сила водена од љубов и лојалност. Нема никој кој решава повеќе проблеми. Кога таа има само љубов за давање, ја дава од нејзината душа.“
Анџелина го завршила текстот тврдејќи дека нема ништо поболно за мајката и таткото од тоа да не можат да му ги овозможат потребните работи на своите деца. Актерката вели дека пандемијата го направила ова реалност за многу семејства.
„Па, до мајките насекаде кои се чувствуваат беспомошно, но сепак им ја даваат последната трошка енергија, последното залче храна и последното ќебе на нивните деца – ве почитувам. А, до сите кои тагуваат овој Ден на мајката, се надевам дека ќе најдете сила во вашите сеќавања.“
Спирова С. | Црнобело