„Доволно е млада за да ја тренирам како што сакам“ - Вистинската приказна на Елвис и Присила Присли
- Детали
- четврток, 28 ноември 2019
Кога првпат се запознале, Елвис имал 24 години, а Присила само 14. Нејзините родители биле загрижени за оваа врска, но Присила била вљубен бунтовник и никој не можел да ја спречи.
Покрај тоа, возрасната разлика не била никаков проблем – ова било одлична шанса за Елвис да ја претвори Присила во совршената сопруга. Ова би требало да биде совршениот брак, но нивната врска била полна со проблеми.
Почетоци
Елвис и Присила се запознале во Германија во 1959-та година. Елвис бил испратен од армијата на САД, каде што и служел, а Присила била во државата бидејќи татко ѝ бил префрлен таму.
Некој ја поканил Присила на гости кај Елвис, а таа со задоволство прифатила. Младата девојка веднаш му го привлекла вниманието на пејачот, а тој дури ѝ отсвирел и неколку песни.
„Видов дека Елвис сака да ми го привлече вниманието. Забележав дека колку помалку реагирам, толку повеќе пее за мене. Не ми се веруваше дека Елвис Присли се обидува да ме импресионира“, се присетува Присила.
Присила не ни помислувала дека Елвис повторно ќе ја побара и била убедена дека нивниот прв состанок бил и последен. Но, тој ѝ се јавил.
Неколку дена подоцна, родителите на Присила инсистирале да ја запознаат нејзината нова љубов. По тој повод, Елвис ја облекол својата униформа – нешто што многу му се допаднало на таткото на Присила.
Двајцата мажи разговарале, а родителите на Присила биле толку воодушевени од младиот пејач, што им дозволиле да се гледаат.
Сепак, поради возраста на Присила, парот не смеел да се појавува во јавност.
На Елвис му се допаѓала неискусноста на Присила, а возрасната разлика ја гледал како можност да ја „моделира“ во совршената сопруга.
„Доволно е млада за да можам да ја тренирам како што сакам“, му се доверил Елвис на еден пријател.
Присила се сеќава дека Елвис ѝ кажувал која е совршената жена според него и се обидувал да ја претвори во таква.
„Во ноќите кога беше смирен, ја опишуваше неговата совршена жена и ми кажуваше дека јас се совпаѓам во замислата. Сакаше бринети со сини очи. Сакаше да ме моделира според неговите мислења и желби. Верноста му беше многу важна, особено од страната на жената“, се присетува Присила.
Брак и семеен живот
Во 1960-та, Елвис ја напуштил Германија, но Присила останала со семејството. Елвис одвреме-навреме ја канел Присила во САД и неколку години ја одржувале врската на овој начин.
Присила се сеќава дека овој период едвај го чекала повикот од Елвис и ги броела деновите до нивната следна средба. Во меѓувреме, слушала и секакви гласини за неговите афери со други жени.
Во 1966-та година, Елвис ја запроси, а во 1967-ма се венчаа.
Наводно, Елвис чувствувал притисок да се венча бидејќи му било страв дека ќе избие скандал ако не го направи тоа. Притоа, продолжил да ја менува неговата сопруга како што му одговара, за да ги исполни неговите очекувања.
Присила, која подоцна и самата се нарекувала „живата кукла на Елвис“, си ставила порцелански навлаки на забите, го подобрила држењето на телото и си ја фарбала косата црна.
Во 1968-ма се роди нивната ќерка Лиса Мери. А, откако Присила станала мајка, почувствувала дека Елвис повеќе не е заинтересиран за неа.
Како и пред бракот, Елвис продолжи со аферите со други жени, а Присила постојано наоѓала љубовни писма адресирани до нејзиниот сопруг. По некое време, сфатила дека не може да го поднесува тоа.
„Мојот живот беше негов живот. Тој мораше да биде среќен. Моите проблеми беа секундарни. Сакам да растам. Сакам да правам работи“, изјави Присила во едно интервју.
Елвис одел дотаму што не сакал да ја види без шминка, а таа никогаш не се облекувала пред него.
„Сакаше да го гледа само крајниот резултат.“
Развод и падот на „кралот“
Во 1972-ра Присила му кажала на Елвис дека го напушта, а набрзо потоа се разведоа.
Додека Присила конечно доби контрола над нејзиниот живот, Елвис разви зависност од лекови и западна во финансиски проблеми. После бракот со Присила, пејачот имаше неколку афери и ја запроси Џинџер Алден.
На 16-ти август 1977, 42-годишниот Елвис беше пронајден мртов. Присила не можела да поверува. Се надевала дека Елвис ќе оди на рехабилитација и малку ќе се повлече од јавноста, но не се случило ништо од тоа.
И покрај разводот и напнатиот брак, Елвис и Присила останале блиски. Таа се сеќава дека тој ѝ се јавувал за да ги сподели неговите грижи, а таа го ценела секој разговор.
После разводот, Присила започна кариера како актерка и бизнисмен. Никогаш повторно не се венчаше, но од една врска го доби синот Наварон.
Таа ја отвори за туристи куќата во Грејсленд во која живееја со Елвис, за да може да си ги плати сметките, а местото стана вториот најпосетуван дом во САД.
Присила го одржува сеќавањето за нејзиниот поранешен сопруг, се вклучува во настани посветени на неговото дело и до денес го нарекува љубовта на нејзиниот живот.
Спирова С. | Црнобело