Поранешен телохранител споделува - Како е да се биде обезбедување на кралското семејство?
- Детали
- вторник, 12 ноември 2019
Како членови на кралското семејство, работниот ден на Вилијам, Кејт, Принц и Меган речиси секогаш се одвива пред очите на јавноста.
Без разлика дали членовите на кралското семејство присуствуваат на некој важен настан или одат на турнеја на друг континент, секогаш постои закана за нивната безбедност. А, ова најдобро го знае Сајмон Морган, поранешен офицер за обезбедување на кралското семејство.
Морган бил телохранител на кралското семејство од 2007-ма до 2013-та година, и сега решил да сподели кои се предизвиците кои доаѓале со неговото работно место.
Морган вели дека на послугата на кралското семејство ѝ е многу лесно да „полуди“ по гламурот од живеење во палата. Проблемот е што ова може да има лошо влијание врз безбедноста на семејството.
„Работев во полошите делови на Лондон, а потоа одеднаш работев за кралското семејство. Работев во разно опкружување – од банкети, па сѐ до огромни настани. Ова беше пресврт во мојата кариера“, се присетува Морган.
Тој вели дека како и секој човек, и него, како и на секој телохранител му се одвлекувало вниманието од луксузните автомобили, јахтите и рестораните. Но, не смеел да дозволи тоа да влијае врз квалитетот на неговата работа.
„Тоа е животот на твоите газди, а не твој. А ако не го сфатите тоа, ќе бидете избркани.“
Одличен пример за ова е обезбедувањето што го придружуваше Хари во Лас Вегас, во 2012-та година. Подоцна телохранителите беа критикувани бидејќи не ги спречиле луѓето да го фотографираат принцот без облека.
Фотографиите протекоа во јавноста, а според еден извор, телохранителите повеќе сакале да се забавуваат, наместо да внимаваат на Хари.
Морган додава и дека во неговата работа, не се врти сѐ околу борење, возење, стрелање или изгледање добро со очила.
Неодамна, Меган и Хари беа на 10-дневна турнеја во Африка, со нивниот син Арчи. Морган вели дека планирањето и организирањето на овие настани е навистина лудо.
Постојано се проверуваат сите потенцијални опасности, а за безбедноста на кралското семејство се дискутира долго пред патувањето.
Всушност, Меган и Хари уште сега правеле спогодби со нивните телохранители за следното прекуокеанско патување.
„Прекуокеанската турнеја не трае една ноќ. Овде има месеци и месеци планирање, а турнејата може да биде внесена во распоредот и неколку години“, вели Морган.
Наводно, зад кралските турнеи се крие многу повеќе од она што го гледаме во јавноста. Морган вели дека планирањето е можеби најважниот дел од работата на кралските телохранители.
„Вистинската закана е постојана и треба да ги земете предвид сите нешта. На пример, децата и постарите луѓе имаат поголеми потреби од повеќето возрасни. Различните возрасни групи си бараат различно планирање за безбедноста.“
За секој настан или патување да помине без проблем, Морган и другите од обезбедувањето ги земале предвид здравствените состојби на членовите на кралското семејство, нивниот дневен распоред, луѓето со кои ќе се сретнат, присуството на медиумите...
„Не се врти сѐ околу борење, возење, стрелање или изгледање добро со очила. Има многу повеќе работа од тоа“, завршува поранешниот кралски телохранител.
Спирова С. | Црнобело