Запознајте ја Теди Квинливан, првиот трансродов модел на Chanel
- Детали
- вторник, 03 септември 2019
Во изминативе неколку години, трансродовите лица почнаа да се отвораат за нивните внатрешни битки. Иако овие луѓе веќе се поприсутни во медиумите, филмовите и телевизијата, сепак ги чека уште долг пат.
Модната индустрија им дава надеж на трансродовите лица, а едно од нив е Теди Квинливан. Теди не само што е првиот отворено трансродов модел за Chanel, туку таа се залага и за правата на трансродовите лица и се надева дека ќе направи некаква промена.
Погледнете неколку работи што би било добро да ги знаете за овој модел:
Работи како модел од 2015-та година
Во 2015-та година Теди била откриена од Louis Vuitton и оттогаш има соработувано со дизајнери како Џејсон Ву, Џереми Скот и Каролина Херера.
Од Chanel ја најмиле за нивната компанија
Теди ќе се појавува во рекламите за убавина и ќе биде лицето на брендот. Во една Instagram објава таа ја споделила нејзината благодарност за оваа можност, но споделила и нешто за нејзината битка.
„Целиот мој живот беше борба. Од постојано малтретирање на училиште и закани за убиство од децата, до малтретирање од татко ми и губење аранжмани бидејќи јавно зборував за сексуалното насилство на работното место.“
Теди веќе учествувала на две ревии Chanel, но тогаш не бил откриен нејзиниот транс идентитет. Откако ја кажала вистината, знаела дека ќе изгуби неколку соработки и мислела дека повеќе никогаш нема да работи за Chanel.
Јавно изјавила дека е трансродово лице во 2017-та година
Теди решила да ја каже вистина поради сегашната политичка клима во светот, особено во САД. Таа била свесна за насилството врз трансродовите лица и сакала да направи промена. Од друга страна, ја кажала вистина и за себе.
Добила многу поддршка за нејзината одлука
Дизајнерот Марк Џејкобс изјавил:
„Ја почитувам, ѝ се восхитувам и ја поддржувам одлуката на Теди да каже дека е трансродово лице. Денес повеќе од се треба да ѝ се придружиме на LGBT заедницата и да ги искористиме нашите гласови за да го охрабриме и инспирираме прифаќањето, еднаквоста, разбирањето и љубовта.“
Отворено зборувала и за проблемите со нејзиниот сексуален идентитет
Теди почнала да зема хормони на 17 години. Пораснала во Бостон и уште од мала знаела дека е женско, без разлика на нејзината анатомија. Често ја крадела облеката на мајка ѝ и си играла.
Штом стигнувала на училиште, облекувала женска облека и се шминкала без знаење на нејзините родители.
Нејзините родители биле конзервативни, но сепак ја поддржувале. Кога конечно ѝ кажала на мајка си дека сака да живее како жена, таа ѝ рекла дека тогаш ќе треба навистина да се потруди, да зема хормони и да се однесува одговорно. Дури ѝ помогнала и да го најде вистинскиот лекар.
„Транзицијата не е само растење на косата, носење потпетици и обетки. Земањето хормони има влијание врз расположението, тоа е како одново да сте родени. Тоа го менува не само начинот на којшто изгледате, туку и начинот на којшто го гледате светот. Кога решив да им кажам на моите агенти, тие немаа поим. Но тоа што им кажав им ги отвори очите и им помогна подобро да ја разберат мојата ситуација. Тогаш сфатив дека сум подготвена да му кажам на светот.“
Спирова С. | Црнобело