Од детски идоли до тешки зависници: Дизни ѕвезди на кои славата им го уништи животот
Шаја Лaбаф (32)
Ексцентричниот актер има изјавено дека не станал глумец затоа што сакал да биде славен, туку бидејќи неговите родители немале пари. Сѐ започна со улогата во серијата „Even Stevens“, каде како четитинаесетгодишно момче се појави на каналот Дизни.
Потоа следуваа мноштво филмски успеси, а во ѕвездите се вивна и благодарение на остварувањата „Transformers“ и „Indiana Jones and the Kingdom of the Crystal Skull“.
Оттогаш започнаа неволјите и проблемите. Шаја беше уапсен поради нарушување на јавниот ред и мир, како и провалување, а подоцна се пријави на лекување за зависноста од алкохол.
Не помина долго време на рехабилитација, па повеќепати беше одново апсен. Минатата година го приведоа заради расправија со полицаец, по што заврши на трезнење во њујоршката полиција.
Режираше некакви бизарни филмови, пред да одлучи дека сака да биде уметник. Од серијата „перформанси“, еден и беше посебно интересен на јавноста.
На филмскиот фестивал во Берлин, глумецот се појави со хартиена кеса на главата, а на неа имаше напишано: „Веќе не сум славен.“ После победата на Доналд Трамп, пак, се снимаше како постојано тврди: „Нема да нè раздвои.“
Иако во последно време е мирен и снима автобиографски филм, кадешто го глуми сопствениот татко, со него никогаш не сте сигурни што носи моментот.
Мајли Сајрус (25)
Ликот на симпатичната Хана Монтана ѝ донесе светска слава кога таа имаше само 11 години. Истоимената серија беше меѓу најголемите хитови на каналот Дизни. Мајли Сајрус пленеше со извонредниот глас и актерските способности.
За кратко време прерасна во идол на тинејџерите, објави мошне успешен албум и го сними филмот „Hannah Montana“. А, по издавањето на „Party In The USA“, дури и на нејзе ѝ здодеа да биде добра девојка. Ја раскина свршувачката со Лиам Хемсворт и сними албум со Фарел.
Ситуацијата ескалираше при доделувањето на наградите MTV Video Music Awards во 2013 година, кога заедно со Робин Тик ја изведоа неговата песна „Blurred Lines". Сите се сеќаваат на вулгарните симулации на секс и плазењето на јазикот пред публиката, поради што на многумина им беше непријатно да ја гледаат.
Во овој период пејачката константно правеше проблеми и скандали. Се случи и „Wrecking Ball“, одлична песна за која направи бизарен спот, каде гола се ниша на голема кугла и заводливо лиже алатка во рацете.
Подоцна изјави дека редовно пушела марихуана, како и дека била под дејство со години.
Дури и самата призна дека ѝ срам поради споменатото видео, бидејќи ќе ја следи целиот живот. Мајли Сајрус престана да пуши марихуана кога започна со снимање на албумот „Younger Now".
Се смири со Лиам и сега е променета. Останува да видиме до кога.
Деми Ловато (25)
Деми по првпат се појави на екраните на деветгодишна возраст, глумејќи заедно со Селена Гомез во „Barney & Friends“. Пет години потоа доби улога во дизниевата серија „As the Bell Rings“, па во телевизискиот филм „Camp Rock“. На крајот се посвети само на музичката кариера.
Таа е дете на разведени родители, а постојано била и малтретирана од врсниците на училиште. Оттука, не чуди што Деми страдаше од депресија и булимија пред воопшто да наполни 18 години. Подоцна ѝ беше дијагностицирано биполарно растројство.
Наспроти сите проблеми со кои се соочуваше, таа остана во центарот на светското внимание. Меѓутоа, призна дека наместо да се лекува, почнала да пие алкохол и редовно да зема кокаин.
Во документарниот филм за нејзиниот живот, откри и дека криумчарела дрога во авионите, а секое утро го започнувала со вотка.
Прослави шест години трезност пред неколку месеци, но неодамна ја објави песната „Sober“, навестувајќи дека одново се вратила на стариот порок.
Моментално, пак, се опоравува во Лос Анџелес, каде заврши во болница поради предозирање, а иако нејзините блиски ги демантираа тврдењата дека зела преголема количина на хероин, се чини дека сепак е така.
Додуша, не е уште обзнането за која точно супстанца станува збор. Медиумите известуваат дека пејачката се однесувала агресивно при хоспитализацијата, односно одбивала да соработува со докторите. Тажно, зар не?
М. А. | Црнобело