Емотивна исповед: По 20 години Моника Левински проговори за секс скандалот со Бил Клинтон
- Детали
- вторник, 27 февруари 2018
Поттикната од инспиративното движење #MeToo Моника Левински проговори за аферата која ѝ оставила црна дамка на животот.
Пред 20 години светот ја запозна Моника Левински преку познатата Ken Starr истрага од 1998 година, кога меѓу другите работи беше обелоденет разговор помеѓу тогашниот претседател на САД Бил Клинтон и Моника, која во тој период стажираше во Белата Куќа.
Во разговорот се споменуваше за нивна интимна поврзаност и орален секс.
Оттогаш следуваа низа скандалозни наслови за ситуацијата и оцрнување на името на Моника.
Таа се сеќава на овој период како на време на спектакл и огромен срам и вели дека е една од првите жртви на сајбер малтретирање во САД.
Сега, поттикната од движењето #MeToo, кое има за цел да ја поткрене јавната свест за сексуалното малтретирање на многу жени низ светот на работното место, таа напиша долга емотивна исповед за магазинот Vanity Fair.
Левински во својата исповед открива дека една од водечките жени на #MeToo движењето ја довела до солзи и ја охрабрила да проговори и за својата ситуација.
Таа вели дека во 1998 била млада жена, која за време на истрагата не смеела да говори за себе и да се брани. Настаните од ’98 биле колективна траума за нацијата и во тие мигови се чувствувала скршена и сама.
Вели дека најголема поддршка ѝ биле семејството и пријателите, но се чувствувала ужасно осамена. Сама пред јавноста кога клучната фигура на кризата, која ја познавала интимно, ја напуштила. Знаела дека направила грешка, но не заслужила такво чувство на самотија.
Токму затоа го поздравува движењето #MeToo, кое им дава сила на жените јавно да проговорат и да си бидат поддршка едни на други.
Моника вели дека иако ситуацијата со неа и Клинтон не била сексуален напад, сепак тоа било ужасна злоупотреба на моќта. Сега кога има 44 години сфаќа која е разликата во моќта на еден стажист и на претседател на држава во Белата Куќа.
Левински вели дека тогаш била на почетокот од 20-тите години и си дозволила да мине некоја граница на интимна и емоционална поврзаност со Клинтон, но тој ѝ бил шеф, бил 27 години постар од неа и бил најмоќниот човек на светот. Таа воопшто не размислувала за последиците.
Клинтон бил во цветот на кариерата, а таа на првата работна позиција по колеџот.
На крај својата исповед Левински ја завршува со тоа дека е убаво чувството да знае дека не е сама и вели дека е благодарна на #MeToo движењето.
Целата исповед на Моника можете да ја прочитате во Vanity Fair.
С. С. | Црнобело