Рики Мартин го открил Ченинг Татум: Филмски ѕвезди чија кариера започна во музички спотови
- Детали
- недела, 08 октомври 2017
Пред да станат богати и славни актерски имиња во Холивуд, нивните први главни или споредни улоги беа во видео екранизации на музичките хитови од тоа време.
Повеќето видео спотови на музичките хитови од 80-тите и 90-тите години, снимени се во Лос Анџелес - градот во кој талентираните, но и помалку талентираните глумци и музичари се обидуваат да станат славни.
Поради тоа, воопшто не зачудува фактот што голем број, сега веќе познати имиња од светот на глумата, својата кариера ја започнаа во спотовите на популарните музички изведувачи.
А, ова се холивудските ѕвезди кои имале токму такво искуство на патот до успехот:
Кристина Хендрикс во спотот за песната „One Hit Wonder“ на групата Everclear
Актерската кариера на Кристина Хендрикс ја обележа улогата во популарната телевизиска серија „Mad Men“.
Во меѓувреме, имаше неколку забележителни ролји и на големото платно, од кои се издвојуваат оние во филмовите „Drive“ и „God’s Pocket“.
Сепак, големи се шансите дека најпрво сте ја виделе во спотот за песната „One Hit Wonder“ на групата Everclear.
Анџелина Џоли во спотот за песната „Rock ‘N’ Roll Dreams Come Through“ на Мит Лоуф
Во 1993 година, кога излезе спотот за „Rock ‘N’ Roll Dreams Come Through“, Анџелина заедно со глумицата Ејми Смарт играше и во видеото за песната „It’s About Time“ на групата The Lemonheads, а дебитираше и на филм, во научно-фантастичната акција „Cyborg 2“.
Кортни Кокс во спотот за песната „Dancing In The Dark“ на Брус Спрингстин
Ѕвездата на серијата „Friends“, во спотот за песната „Dancing In The Dark“ на Брус Спрингстин глуми негова најголема обожавателка, која ја има честа да се качи на бината во текот на концертот, па и да заигра со популарниот рокер од Њу Џерси.
Мет Лебланк во спотот за песната „Into The Great Wide Open“ на групата Tom Petty and the Heartbreakers
Уште еден добро познат лик од серијата „Friends“, исто така ја започна својата кариера глумејќи во музички спотови.
Меѓутоа, во видеото за „Into The Great Wide Open“, Мет Лебланк има само споредна улога, па е во сенка на веќе етаблираната актерска ѕвезда Џони Деп.
Зои Дешанел во спотот за песната „She’s Got Issues“ на групата The Offspring
Зои Дешанел денес најмногу ја препознаваат по ликот што го толкува во серијата „New Girl“, но зад себе има мошне успешна филмска и музичка кариера.
За нејзината ролја во спотот на групата The Offspring, може да се каже дека претставува прототип на повеќето улоги што таа ќе ги игра подоцна.
Ченинг Татум во спотот за песната „She Bangs“ на Рики Мартин
Ченинг Татум се прослави со улогата на стриптизер во филмот „Magic Mike“, но неговите танцувачки вештини ни се познати од многу порано.
По аудицијата во Орландо, професионалното деби на Татум беше во музичкиот спот за „She Bangs“ на Рики Мартин во 2000 година.
На видеото се појавува во две сцени, како шанкер и танчар, но само неколку секунди. А, хонорарот му бил 400 долари.
Алиша Силверстоун во спотот за песната „Cryin’“ на групата Aerosmith
Алиша имаше само 16 години кога се појави во овој спот. Друштво ѝ правеа и актерите Стивен Дорф и Џош Холовеј.
По успехот на песната, од групата Aerosmith беше ангажирана за уште две музички видеа – за песните „Amazing“ и „Crazy“.
М. А. | Црнобело