Морничави и бизарни приказни: Славни личности зборуваат за нивното искуство со духови
- Детали
- среда, 27 септември 2017
Кога се паранормалните појави во прашање, мислењата се поделени. Постојат луѓе кои со потсмев ја отфрлаат секоја идеја за присуството на духови, но и такви кои се убедени дека дефинитивно има нешто зад видливото. Ниту ѕвездите не се исклучок.
Има славни личности кои не само што веруваат дека тие навистина постојат, туку повеќето од нив и категорично тврдат дека имале блиска средба со духови во одредена етапа од животот.
Од комични и бизарни искуства, па сѐ до хорор и морничави приказни, ова се искуствата кои познатите фаци никогаш нема да ги заборават:
Меган Фокс
Атрактивната актерка не ја крие својата фасцинација од чудните и натприродни појави, а во една прилика го прераскажа и своето необично искуство. Меган не ги видела, но затоа ги слушнала:
„Престојував во хотел во Мексико, каде што претходно нарачав појадок во 7:30. Беше 7 часот наутро, кога начув како малата масичка се влече по подот. Наслушнав и како ми налеваат шолја кафе. Половина час подоцна, станав од креветот, но немаше ниту кафе, а ни масичка. Немаше ништо. Го слушнав ѕвончето, па ја отворив вратата, а собната послуга дури тогаш пристигна во мојот апартман. Се завртев околу себе и ништо не ми беше јасно. А, згора на сѐ, потоа и дадилката ме праша зошто послугата веќе била во 7:00, иако тоа требало да го направат во 7:30. Значи, не нарекувајте ме луда - ги чувме и двете.“
Метју Меконахи
Во неколку наврати, актерот ја заинтригира јавноста со информацијата дека во неговиот дом во Холивуд престојувал духот на дама со име Мадам Блу:
„Не бев под никакво дејство кога првпат ја видов. На почетокот, не ми изгледаше премногу пријателски настроена, па се обидов да ја истерам со бејзбол палка. Но, потоа беше кул и не ми правеше проблеми. Можеби причината е што цело време сум гол.“
Шер
Легендарната Шер верува дека ја демне, ама на пријателски начин, духот на покојниот бивш сопруг Сони Боно:
„Обожувам духови. Всушност, мислам дека Сони ми предизвикува светлина. Ми пали светло. Имам прекрасен лустер што тој прави да свети и кога тоа е невозможно, бидејќи нема струја. Да, ги сакам духовите, дури и повеќе од одредени живи луѓе.“
Џесика Алба
Убавата глумица која моментално го очекува своето трето дете, се присети дека се соочила со страшен дух кога имала 17 години и престојувала во домот на нејзините родители:
„Немав поим што се случува. Почувствував некаков притисок и не можев да станам, да вреснам, да зборувам. Ништо не можев да направам. Некаква сила дефинитивно ми ги повлече прекривките, а јас не можев да се помрднам од креветот, колку и да сакав. Кога конечно успеав, само писнав и истрчав во собата на моите родители. Оттогаш, не ни помислив да спијам таму повторно. Сигурна сум дека имаше нешто во нашата стара семејна куќа, но не знам што точно беше. Навистина не можам да си објаснам. После тоа, куќата ја благословија, ја искадија и изведоа низа слични ритуали.“
Аријана Гранде
Младата музичка ѕвезда, пак, се отвори за необичното искуство со демони, кое го имала за време на посетата на гробишта во Канзас:
„Почувствував некакво гадно, обземачко чувство на негативна енергија над автомобилот. Мирисаше на сулфур, што е знак за демон. А, во колата се појави и мува, што е уште еден знак за присуство на зли духови. Многу ми беше страв, па предложив да си заминеме. Но, пред тоа, го отворив прозорецот и им се извинив. Кажав дека не ни беше намерата да им го нарушуваме мирот. Направив и фотографија, а на неа јасно се забележуваат три различни ликови – лица на демони.“
Џена Буш Хејгер
Една од ќерките на поранешниот американски претседател Џорџ Буш, верува дека и Белата куќа е дом на мистериозни сили:
„Слушнав дух. Спиев во мојата соба, каде имаше камин. Одеднаш, од него почна да излегува музика од 20-тите години на минатиот век. Можев да го почувствувам. Се преплашив и истрчав во собата на сестра ми. Но, таа ме исмеа и рече да се вратам на спиење.“
Кеша
Приказната на Кеша е поприлично бизарна и скандалозна. Таа тврди дека немала само средба, туку и сексуални односи со мистериозен дух:
„Имав неколку искуства со натприродното. Не му го знам името. Беше дух. Отворена сум и за нови искуства од тој тип.“