Животот на телевизиската кралица Опра Винфри e измислена филмска приказна?!
- Детали
- среда, 13 мај 2015
Таа е една од најбогатите жени според „Форбс“, зад себе има 25 години успешна телевизиска кариера и шоу со над 5000 емисии. Имала привилегија нејзини гости да бидат сите најпопуларни личности во Америка, но и од други земји.
Сите светски ѕвезди од различни области на шоубизнисот, па дури и претседателот на Америка, Барак Обама и неговата сопруга.
Но, ништо од сето тоа не се случило тукутака едноставно. Зад сите тие резултати се крие цела филмска приказна од нејзиното детство, преку младоста, почетоците, минатото, борбата со предрасудите, осудувањата, понижувањата, но и упорноста да се истрае и успее покрај сè.
Често ја имаме слушано приказната за тоа дека била малтретирана и силувана од нејзиниот очув, дека живеела во беда и сиромаштија, подоцна тепана и од нејзиниот сопруг, но никогаш не се откажувала од борбата за да докаже дека е доволно силна и моќна дури и како црна жена, да успее и да му докаже на светот.
Таа несебично и искрено ги споделуваше сите свои приказни и сеќавања макар и од најмрачните случувања. Луѓето сè уште ѝ се воодушевуваат, а таа знае и како да се носи со сиот товар на минатото во комбинација со популарноста која ја доживува во сегашноста.
Сепак, една авторка на нејзина биографија, Кити Кели, која две години се занимавала со истражување на нејзиниот живот низ 2732 интервјуа, но и преку остварување контакти со некои нејзини блиски роднини и нејзиниот очув, тврди дека целата животна приказна Опра ја измислила за да привлече внимание и публицитет.
Во однос на обвинувањата за лаги, Опра ништо не коментира, но постојано се слушаат различни гласини.
Сепак, без разлика колку од сето тоа е вистина или не, Опра е жена која знае да се носи со сета тежина која ја носи шоубизнисот и да биде успешна во сето тоа.
Денес таа има и сопствено училиште и продуцентска куќа, преку која заработува милиони, а постојано донира огромни суми во Африка за обезбедување основни услови за живот и се бори за правата на Афроамериканците.
Знаењето, мудроста и хуманоста се нејзина најголема одлика поради кои е жена за пример на која целиот свет ѝ се поклонува.