Бијонсе изненадно го објави својот нов албум (видео)
- Детали
- петок, 13 декември 2013
Бијонсе утрово го изненади светот со објавување на нејзиниот нов петти студиски албум на iTunes. Го објави без најава и без маркетинг кампања, туку само со видео на нејзиниот Инстаграм профил.
Неодамна на интернет можеше да се слушне дел од песната „God made you beautiful“ која може да се слушне во нејзиниот документарец „Life is but a dream”, но фановите конечно може да го купат и цел албум преку апликацијата iTunes и тоа за само 12 евра.
Во продавниците ќе го има по 20 декември, за време на католичкиот Божиќ.
Пејачката албумот го нарекла „Beyonce“, а истиот мора да се купи во целост, односно песните не може да се купуваат посебно, туку албумот доаѓа во пакет.
Овој албум е истовремено и аудио и визуелен, бидејќи за секоја песна има и видео, според она како Бијонсе ја доживува песната, плус 3 бонус видеа.
Во однос на оние кои гостуваат на нејзиниот албум најинтересно е дека во песната „Blue“ посветена на нејзината ќерка, Блу Ајви, учествува и самата таа.
Меѓу останатите гости на нејзиниот албум се и Џеј Зи, Дрејк, Фарел Вилијамс, Френк Оушн, Тимбеленд, Мишел Вилијамс, Кели Роланд и Џастин Тимберлејк.
„Не сакав да ја реализирам музиката исто како претходно. Сакам нови работи. Чувствувам дека можам да им зборувам на моите фанови. Има многу нешта меѓу музиката, изведувачот и публиката. Чувствував дека пораката која треба да ја пренесам мора да се случи кога ќе бидам подготвена, а не кога ќе излезе албумот во продавниците. Затоа одлучив вака да го објавам!“ изјавила Бијонсе.
Погледнете го видеото со најава за албумот:
Погледнете 30 секунди од видеото за песната „Drunk in love“ со Џеј Зи: