Џоди Фостер во одбрана на Кристен Стјуарт
- Детали
- четврток, 16 август 2012
Во отворено писмо објавено во The Daily Beast, славната актерка Џоди Фостер ја брани помладата колешка Кристен Стјуарт чиј приватен живот предизвика вистинска бура во јавноста, по што таа дури ѝ се извини на јавноста поради нешто што би требало да го засега само нејзиното момче!
„Актерка сум уште од свои 3 години, вкупно 46 години досега. Не се сеќавам на детство надвор од окото на јавноста“, потсетува Фостер додавајќи дека некако успеала да се заштити себе и своите најблиски од будното око на папараците.
„Кога би била млада актерка започнувајќи ја својата кариера денес, во новата ера на социјални мрежи и медиумската сезона на лов, дали би преживеала? Дали би се удавила во дрога, секс и забави? Дали би се изгубила?
Сум го кажала ова порано и ќе го кажам пак: „кога би била млада актерка денес јас би се откажала уште пред да почнам. Кога би морала да растам во оваа медиумска култура, мислам дека не би преживеала“, пишува Фостер додавајќи дека друга актерка сигурно би ја заменила отворајќи си ја душата за да ги создаде незаборавните ликови што самата ги има одиграно, но „Дали таа актерка би ги преживеала папараците кои ѕиркаат низ прозор, онлајн вознемирувањето и јавните понижувања, без да се предозира во хотелска соба?“.
Во Panic room Џоди Фостер и Кристен играа мајка и ќерка, а Стјуарт наполнила 11 години за време на снимањето. Фостер пишува за роденденот кога организирала маријачи бенд за славеничката која ги дувала свеќичките во тако-бар.
Во тој безгрижен период Фостер и мајката на Кристен разговарале за иднината на малечката, обете плашејќи се дека таа нема да се премисли и сепак ќе продолжи да глуми.
„Се сеќавам на еден совршен момент. Девојче кое пее на цел глас, скока и се врти наоколу, полна со радост и самодоверба. Таа е во некој свој свет, а мајка ѝ се смее додека ја гледа. Може ли едно дете да биде посакано во овој миг?
Таа е совршена. Таа е апсолутно совршена“, раскажува Фостер веднаш потоа префрлајќи се на сегашноста. „Убава млада жена брза по тротоарот, сама, со наведната глава и дланки стиснати во тупаници. Чекори брзо, итајќи меѓу крупни мажи со црни апарати - „Кристен, како се чувствуваш?“, „Насмевни се!“, „Еј, ја фати?“, “Ја фатив. Ја фатив!“. Девојката не плаче. Не гледа нагоре. Научила. Ја држи главата наведната, очила за сонце на лицето, тупаниците во џебовите. Не зборувај. Не гледај. Не плачи“.
Фостер го завршува писмото сеќавајќи се на зборовите што нејзината мајка ѝ ги кажувала по секоја мала неправда, понижување или страдање. „И ова ќе помине. Колку само ја мразев таа фраза. Звучеше толку банално, како да ми кажува дека мојата болка не е важна. Сега звучи излитено, но точно... Со време сѐ ќе помине. И, да, ти си променета. Помалку веруваш. Ги калкулираш чекорите. Преживуваш. Со надеж дека во целиот процес нема да ја изгубиш способноста повторно да ги кренеш рацете и лудо да се вртиш. Тоа е најдобриот алат за преживување. Не дозволувај им да ти го одземат“, завршува Фостер.