Последните денови на Џин Хакман: Имал деменција и цела недела гладувал, откако сопругата починала од вирус
- Детали
- понеделник, 10 март 2025
Бидејќи имал напредна фаза на Алцхајмерова болест, Џин Хакман не бил свесен дека неговата сопруга е мртва. Па, цела недела не можел ни да јаде, пред срцето да му откаже и да почине. Сопругата, пак, починала откако се заразила од вирус што го пренесуваат стаорци.
Изгледа конечно се ближи расплетот на можеби најчудниот случај во светот на славните – мистериозната смрт на оскаровецот Џин Хакман и неговата сопруга Бетси Аракава.
За потсетување, Џин и Бетси беа пронајдени мртви во нивниот дом, но во различни соби.
Надлежните веднаш потврдија дека и двајцата биле мртви неколку дена пред да бидат пронајдени.
Уште почудно беше што и едно од нивните кучиња беше најдено мртво во домот.
На 95-годишна возраст, Џин веќе се соочувал со низа здравствени проблеми, но смртта на 65-годишната Бетси беше обвиена со мистерија.
Сега надлежните соопштија дека Бетси била заразена со редок вирус кој се пренесува од стаорци, додека актерот, кој имал и деменција, беспомошно лутал низ нивната куќа пред и самиот да почине.
Што знаеме за последните денови на славниот пар?
На 9-ти февруари, мртвото куче на парот имало операција, а Бетси отишла да го земе од ветеринарната амбуланта.
Па, се претпоставува дека кучето умрело поради компликации од операцијата, иако обдукцијата на неговото тело уште не е завршена.
Во организмот на Бетси, пак, било потврдено присуството на хантавирус – редок вирус кој го пренесуваат стаорци и кој предизвикува смртоносно заболување на белите дробови.
Заболувањето прво создава проблеми со дишењето и кашлање, а симптомите напредуваат мошне брзо.
Во куќата на парот немало стаорци, но во гаражата бил забележан измет.
Па, можно е Бетси да се заразила ако го чистела изметот во гаражата.
Не е познато кога настапила смртта, но на 11-ти февруари била жива бидејќи се допишувала со нејзиниот терапевт.
И последната активност на нејзиниот телефон е од овој датум, па се претпоставува дека починала тогаш.
Во меѓувреме, Џин Хакман имал напреден стадиум на Алцхајмер и надлежните веруваат дека воопшто не бил свесен за смртта на сопругата.
Цели седум дена, збунет и исплашен, Џин самиот лутал низ нивната голема куќа во Ново Мексико, додека телото на сопругата лежело во една од бањите.
Актерот воопшто не бил во состојба да се грижи за себе, а бидејќи во куќата немало никој, не можел да си направи ни јадење.
Всушност, аутопсијата покажала дека неговиот стомак бил празен кога настапила смртта.
Актерот бил пронајден во просторија до кујната, а бидејќи до него бил неговиот бастун и очилата за сонце, се претпоставува дека можеби сакал да излезе од домот.
Но, бидејќи имал проблеми со срцето, не издржал и починал.
Според неговиот пејсмејкер, срцевата активност на Џин престанала на 18-ти февруари, но тој бил мртов цела недела пред да биде пронајден заедно со сопругата.
„Господин Хакман покажуваше знаци на напредна Алцхајмерова болест. Беше во многу лоша здравствена состојба.
Имаше сериозни проблеми со срцето и сметам дека тоа резултирало со неговата смрт“, изјави едно од медицинските лица кои работат на случајот.
По мошне успешната кариера, Џин се пензионира во 2004 година. Дотогаш веќе беше во брак со Бетси и заедно се преселија во огромна куќа во Санта Фе, Ново Мексико.
Џин, кој отсекогаш бил повлечен и срамежлив, се држеше настрана од јавност и со сопругата само повремено беа забележувани надвор од домот.
Не присуствуваше ни на важни настани и откако се пресели во Санта Фе, даде само едно интервју.
Тогаш, во 2020-та, актерот само спомна дека со сопругата уживаат во приватноста, а најмногу сакаат да гледаат нискобуџетни филмови.
Прочитајте и: Нови детали за бизарната смрт на Џин Хакман (95) и сопругата Бетси (65): Го терала да вежба, умрела од „скршено срце“
Спирова С. | Црнобело
Би можело да ве интересира:





