Асистентот му ја вбризгал последната доза, а потоа го нашол мртов – 5 лица обвинети за смртта на Метју Пери
- Детали
- петок, 16 август 2024
„Се прашувам колку ќе плати овој морон?“ - овие зборови стоеле во преписката меѓу двајцата доктори кои му го продале кетаминот на Метју Пери, што доведе до неговата смрт. Последната фатална доза му била инјектирана од асистентот кој живеел со него. Вкупно 5 лица се обвинети за смртта на славниот актер.
Според наодот од аутопсијата, објавен уште во декември минатата година, беше утврдено дека актерот Метју Пери почина од акутни ефекти на кетамин.
Во неговото тело била најдена огромна доза од лекот за смирување, заради која се верува дека актерот паднал во бессознание и потонал во неговото џакузи.
„Дополнително, смртта на Метју Пери е предизвикана и од давење, болести на коронарната аретрија и од ефектите на буренорфин (кој се користи за да се третираат нарушувања предизвикани од зависности).
Се смета дека смртта е несреќен случај“ – стоеше во извештајот од аутопсијата.
Но, полицијата и федералните агенти сметале дека за несреќната смрт на актерот треба да одговараат сите оние што биле непосредно вклучени во дистрибуцијата на опојните супстанци коишто го усмртија.
По неколкумесечна истрага, утврдено е дека вкупно 5 лица се виновни за смртта на актерот, и тоа познат дилер на дроги, двајца лекари, уличен дистрибутер на дроги и асистентот на актерот кој долги години живеел заедно со него.
Асистентот на Метју Пери (54), Кенет Имаваса, кој живеел заедно со него, во четвртокот (15.08) ја призна вината, дека тој му ја инјектирал последната доза кетамин, која го усмрти актерот.
Имаваса сега се соочува со затворска казна од 15 години.
Метју Пери со асистентот Имаваса
Истрагата утврдила дека токму асистентот бил тој што му ја инјектирал последната доза кетамин на актерот, кој на 28-ми октомври, минатата година беше најден мртов во џакузи.
Сега, 59-годишниот асистент се товари за злосторничко здружување за дистрибуција на кетамин со смртоносни последици.
Асистентот при распит во полиција признал дека иако немал никакво претходно медицинско образование, тој бил задолжен за вбризгување инјекции на актерот, а дента кога Пери починал, Имаваса му дал неколку дози од лекот.
Се верува дека токму тој го нашол безживотното тело на актерот, кој е најпознат по улогата во хит-серијата Friends.
Освен него, обвинети се и Џeсвин Санга (41) која важи за „Кралица на кетаминот“ во Северен Холивуд, докторот од Санта Моника, Салвадор Пласенциа (42), уличниот дилер Ерик Флеминг (54) и доктор Марк Чавез (54) од Сан Диего.
Џесвин Санга - холивудската „кралица на кетаминот“
Полицијата при истрагата пронашла СМС пораки меѓу двајцата доктори, кои меѓусебно се договарале да му продадат кетамин на актерот, а во една од пораките стоело:
„Се прашувам колку ќе плати овој морон?“ и „Ајде да видиме“.
Докторот Чавез ја признал вината и во полиција изјавил дека тој му ја продал дрогата на другиот доктор, кој потоа му ја обезбедил на Пери.
Доктор Марк Чавез
Докторот Пласенциа е обвинет за дистрибуирање кетамин и фалсификување документи, а, уличниот дилер Флеминг, пак, е обвинет за дистрибуција на опојните супстанци кои го убија актерот.
Флеминг признал дека зел 25 шишенца кетамин од „кралицата на кетаминот“, Санга, која ѝ е позната на полицијата заради дистрибуцијата на дроги и опојни супстанци, а потоа ги доставил до асистентот на Пери, само 4 дена пред неговата смрт.
Доктор Салвадор Пласенциа
Инаку, кетаминот е опијат кој се користи како анестетик. Во мали дози се користи за смирување на силни болки, а исто така може да се користи и во ветеринарните клиники за третирање животни.
Прочитајте и „Епизодата кога сите загубивме пријател“: Најзабавните моменти од „Friends“ со засекогаш омилениот Чендлер
Б. С. Б. | Црнобело